На јубилејниот 50-ти „Златен гонг“ ќе настапат 60 боксери од 13 држави

Започнувајќи од утре, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ на програмата ќе биде јубилејното 50-то издание на традиционалниот „Златен Гонг“, боксерски турнир во кој учество ќе земат 60 учесници од 13 земји, од кои седум се македонски.

Скопје како град домаќин на меѓународниот бокс спектакл ќе пречека голем број млади боксери кои сакаат да се докажат на интернационалната сцена, а боксерската Федерација со поддршка од Градот Скопје и Агенцијата за млади и спорт навести големи возбудувања во наредните три дена.

На јубилејното издание на „Златен Гонг“ ќе учествуваат боксери од Англија, Ирска, Велс, Молдавија, Украина, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Косово, Албанија, Кина и Бугарија, додека македонската гордост ќе ја бранат седум натпреварувачи.

Јасин Љама како последен освојувач на „Златен Гонг“ во 2019-та година ќе се натпреварува во категорија до 60 килограми, а покрај него, Македонија ќе ја претставуваат и Ардијан Џемалили во категоријата до 54 килограми, Оран Јашаровски во категоријата до 57 килограми, Дион Лена во категорија до 63,5 килограми, Ферид Хоџа во категорија до 71 килограм, Лео Јовановски во категорија до 75 килограми и Арсим Етеми во категорија до 80 килограми.

„Сите кои се блиски до боксот, добро знаат и добро се упатени што значи оваа манифестација за нашиот спорт. Агенцијата за млади и спорт го потпомага боксот и оваа година го имаме 50-то јубилејно издание на „Златниот Гонг“. Чест ми е што сум во друштво на вакви спортисти, ова е одлична промоција на боксот, а настапот на учесници од 13 различни земји ветува голем квалитет во борбите“, порача претседателот на АМС, Наумче Мојсовски.

Претседателот на Боксерската федерација Примислав Димовски потенцира дека очекувал вакво разбирање за одржување на Златниот гонг и кога поради пандемијата скоро никој финансиски не го поддржува настанот освен Агенцијата за млади и спорт, особено поради фактот што на чело на институцијата е поранешен врвен спортист.
На пресот свое излагање имаше и Проф др Ружди Калач, кој е повратник во боксерската федерација на големо задоволство на сите.
„Под импресии сум од Светското боксерско првенство во Белград, од каде дојдов до заклучок колку повеќе внимание треба да се обрне на сите федерации кои се бават со боречки спортови, особено поради фактот што манифестациите како „Златен гонг”, „Македонски бисер” се спортски симболи на државата“, истакна Калач.
Финалните борби ќе биде пренесувани на МТВ и Арена спорт со почеток од 20 часот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО