МОК со проект: Интегритет во спортот-Фер плеј

Македонскиот Олимписки Комитет во рамки на проектот „Интегритет во спортот: Фер плеј,” овие денови ја имплементира првата сесија од обуката на тема Превенција на манипулација со спортски натпревари којашто ќе ја води експертот Жоао Пауло Алмеида од Португалија.

Манипулацијата со спортски натпревари е глобална закана што го загрозува интегритетот на спортот и уништува многу кариери. Бидејќи оваа закана е длабоко вкоренета во организираниот криминал, потребен ни е сеопфатен пристап за ефикасно справување со истата.
На обуката се разговараше за главните ризик фактори на коишто се подложни спортските работници и спортистите, како и за правната рамка на мониторинг, пријавување и водење на истрага.

„Олимпискиот Комитет на оваа тема во следниот период ќе биде активно вклучен, меѓудругото во МОК ќе биде ангажирано и лице кое ќе биде контакт лице за сите национални федерации членки на МОК за проследување на доверливи информации. Лицето ќе подготви и едукативна програма која понатаму ќе се дистрибуира низ цела Македонија. Целта ни е да ја подигнеме свеста особено кај младата спортска полулација како да препознаат закана и како да пристапат кон истата“, порача првиот човек на МОК, Даниел Димевски.

“Многу ни е драго што одѕивот на денешната обука беше одличен, денес во просториите на МОК присуствува повеќе од триесетина спортски работници кои активно се вклучија во дискусијата. Особено е важно од една страна да се разберат кои се поттикнувачките фактори кои придонесуваат кон манипулација со спортски натпревари, како што се глобализацијата, брзиот раст на пазарот за обложување, се повеќе софистицираните уреди за комуникација како и интересот и вклученоста на организираниот криминал во спортот, и од друга страна кои се ефикасни стратегии и пристап кои се користат за превенција на оваа глобална закана која му наштетува на спортот и спортскиот дух. Имено, во овој проект предвидено е и креирање на национална платформа за размена на информации помеѓу главните чинители, односно Олимпискиот Комитет, Министерството за внатрешни работи и обвинителство, со цел воспоставување на механизми за пријавување на евентуална манипулација или местење на натпревари и навремена истрага“, додаде Силвија Митевска, координаторка на проектот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО