Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ги замрзна своите планови за боксерскиот турнир на Олимписките игри во Токио 2020, односно дали ќе се одржи или не. Одлуката последица за почетокот на истрагата во врска со Меѓународната боксерска асоцијација за аматери (АИБА), што може да доведе дури до престанок на нејзините активности. МОК не е задоволен од добиениот извештај од АИБА, во кој се анализира нејзиното работење во однос на финансирањето, транспарентноста во управувањето и борбата со допингот.
МОК призна одреден напредок по прашањето за чесноста на судењето, како и во борбата со допингот, но рече дека има многу резерви за финансирањето, транспарентноста на донесувањето на одлуките и работата на Комисијата за етика. Исто така Томас Бах и тимот не се задоволни и од назначувањето на Гафур Рахимов за претседател на АИБА, посебно откако се најде под санкции од Министерството за финансии на САД и е осомничен како член на светски криминален картел.
„Во моментов е рано да се зборува кој спорт ќе го замени боксот на олимписката програма во Токио 2020. Ние сакаме да го сочуваме еден од традиционалните спортови, како што е боксот, во нашето семејство. Но за да стане тоа, АИБА треба да ги исполни сите барања што ги поставивме“, истакна директорот за спорт на МОК, Кит Меконел.
„Прашањето не е само дали Рахимов ќе остане. Станува збор за целосно прочистување на организацијата. Спортската организација не треба да се поврзува со луѓе кои имаат криминално минато или сегашност“, додаде директорот за комуникации на МОК, Марк Адамс.
Исто така Олимпискиот комитет го прекина финансирањето преку програми за АИБА, продажба на билети за нивните натпревари и развивање на заеднички програми за квалификација на тренери. На АИБА и е забрането да користи олимписки објекти и симболи кои се дел од симболиката на олимпиското движење.