Повозрасните штипјани го познаваат еврејското семејство Рубиса, кое ги преживеа сите голготи и логорот на смртта во Треблинка. Од ова еснафско семејство, сега e жив само Митко Рубиса и неговите деца. Сите тие пред неколку години заминаа за Израел, во Тел Авив, каде што живеат. Децата на Митко Рубиса се успешни стопанственици.
Митко Рубиса беше член на една од првите генерации на Балканец. Беше државен првак во поранешна СФРЈ. Тој барем еднаш годишно доаѓа во родниот Штип, да се види со пријателите и другарите. Носталгијата за Штип го прави своето. Свадбената церемонија на едниот син ја организираше во Штип. Деновиве Митко Рубиса престојува во Штип.
Со Рубиса се сретнавме во центарот на Штип.
„Морам да кажам, живеам во Израел, но никогаш не го заборавам мојот роден град- Штип. Носталгијата ме „влече“. Израел е одлично организирана држава, моето семејство има добар стандард. Сепак, барем еднаш во текот на годината доаѓам во Штип, да се видам со моите другари од детството и со моите спортски другари од борењето. Во 70-те години од минатиот век , бев член на Балканец и повеќекратен државен првак. Ќе ми останат во сеќавање многу средби со најдобрите македонски борачи, како на пример Симеон Шутев, Ердиќ Ризаов, Стојан Колев, Томе Коцев, Љупчо Џамѓозов- Цуна, Тодор Киров и многу други“, -вели Митко Рубиса, кој сега повторно се стретна со своте другари во Штип и се присети на убавите денови минати во овој град.
Митко Рубиса истакнува дека со внимание ги следи настапите на борачите.
„Желба ми е по Симеон Шутев, Киро Ристов, Зоран Шоров, да имаме уште некој штипски олимпиец. Борењето секогаш ќе опстојува во Штип и во Македонија. Такво ни е поднебјето. Забележувам дека имаме доста млади таленти, само тие треба постојано да се докажуваат. До целта се стигнува само со работа, а не со фалби. За да се стане добар спортист, треба многу самооткажувања…“,- додаде Митко Рубиса, единствениот жив македонски спортист, Евреин.
ipon.mk/К.М.