И покрај принудата да се одалечи од боксерскиот ринг Мирко Ристевски – Мице не ги слуша до крај лекарите, макар и седел, оди да ги надгледува и да им покажува по некоја техника на своите боксери во БК Аперкат од Скопје. Мице си ја повредил ногата на една прошетка на падините на Скопска Црна Гора.
„Не се оддалечувам од тренинзите! Одам и ги гледам, само ми е жал што не можам да секундирам во рингот. Им благодарам на Оливер Станков и на боксерите кои ми даваат поттик побрзо да се опоравам. Едноставно, не можам да мирувам“, вели Мирко Ристевски.
Ристевски боксерската кариера ја започнува во БК Скопје далечната 1969 година, клуб кој што бил сместен во старото училиште „Коце Металец“ кај сегашната бензинска пумпа спрема Скопски саем.
„Прво почнав да трренирам борење, но по 2-3 месеци се префрлив на бокс. Во кариерата имам 384 борби, а најголем успех ми е третото место на тогаш многу силното Државно првенство за сениори и шампион во јуниорска конкуренција на Југославија во 1972 година. Беше многу силна конкуренцијата, имиња како Фазлија Шакировиќ, Џафер Алишановиќ, Црногорецот Сретен Дондиќ.
БК Скопје се натпреваруваше во Втората лига на Југославија, а во сезоната 1984/85 година требаше да влеземе во Првата лига, поради тоа што не се исполнија некои услови тренерот Живорад Шишковиќ ја напушти екипата. Тоа беше голем тренер и педагог од кого научив многуи работи во боксот. Човек кој ја направи шампионската екипа на Приштина, а од Скопје замина за Швајцарија. Шишковиќ ме определи за негов помошен тренер. Претходно една година работев како тренер и на негова молба се вратив да се борам. Во Македонија сите ги добив, освен Самир Лимановски со кого имав скор 4-4“, раскажува Мице за неговите почетоци.
Како помошен тренер работи во сезоната 1982/ 83, а потоа го презема клубот и го води до 1991 година. Потоа во БК Скопје почнува да доаѓа Руждија Калач и по полека да навлегува во тренерските води. Во 1991 година оставка си дава претседателот на клубот, Борче Алексовски, а на негово место доаѓа Рафет Муминовиќ кој на македонската јавност и е познат по водството на ФК Слога од Скопје. Муминовиќ некое време тренирал бокс и поради тоа се нафатил да биде претседател на клубот. Тој за тренер на клубот го одредува Мирко Ристевски, а Калач за помошник.
„Но, си земав малку одмор од боксот, при што Руждија Калач ме наследи“, истакнува Мицевски.
Не го држи срцето да седи настрана и се вклучува во новиот проект БК Аперкат, како наследник на БК Скопје, заедно со неговиот ученик Оливер Станков.
„Видов нешто слично на она што го направи Шишковиќ, а и беше упорен Станков да го напрвиме клубот. Немав каде. Срцето ми заигра, видов упорен човек кој го сака боксот и затоа бев убеден дека ќе успееме“, категоричен е искусниот Мице, нагласувајќи дека до ден-денес работат со Оливер и дека резултатите по полека доаѓаат.
Ристевски вели дека успешно работат, а дека голема улога во тоа има искуството и кај двајцата и меѓусебното верување.
„Сакам да ја истуркаме работата со Гоце Јанески, односно да стигне до Европско првенство, а покрај него и уште едно до две деца, како Кире Јаневски. А за тоа имаме добра организација и за се се консултираме“, категорично вели Мицевски.
За денешната состојба во македонскиот бокс и што може да очекуваме во иднина Мице е оптимист.
„Добро е тоа што се тргна од мртва точка. Гледам дека може да има перспектива. Има потенцијал, не како оној во поранешна СФРЈ, но има. Не е класичен лигашки натпревар, но е добро, бидејќи младите боксери може да боксираат. Во блиска иднина за 5-6 години да имаме боксери, ако одат вака работите. Агенцијата за млади и спорт ако дава „инјекции“ за да го оживее боксот и да го врати во нормален колосек, ќе дојдеме до бројка од 4-5 боксери кои ќе може да се натпреваруваат на европски првенства, па дај Боже и на Олимписки игри, односно да изборат норми.
Инаку, ние како клуб, не сакаме да бркаме резултати по секоја цена во Првата и Младинската лига на Македонија, туку сакаме да извадиме квалитет. За една ипол до две години Гоце Јанески ќе треба настапи европско првенство“, констатира Мице.
Тој, Оливер и БК Аперкат се нераскинлив дел од Меѓународниот боксерски турнир „Меч на шампионите“.
„Тргнавме по патеките на Живко Дуковски и Џоџа Ајановски, кои беа основачи на БК Скопје, со мене и Ивица Голубиќ како натпреварувачи во 1969 година. Така и ние со Оливер имавме идеа да истрасираме еден таков пат, нешто слично како „Златниот гонг“, односно да направиме ревија на младите боксери. А веќе имаме и проблем, тешко наоѓаме противници за Јанески. Го избегнуваат. Од година во година турнирот е се поквалитетен“, заклучува прекалениот боксерскиот тренер.
Годините поминати во боксот се многу, прашање на време е кога Мице (роден 1954 година) ќе се повлече од активниот бокс.
„Барем уште 1-2 години, максимум три. Да ги истуркаме овие 2-3 деца, за да ја крунисам кариеарата со некој успех на ЕП, СП или ОИ. Гоце за три години трбеа да ги даде првите резултати. До тогаш ќе работам“, категоричен е Мирко Ристевски.
Мице ја раскажува анегдотата со легендарниот југословенски боксер Фазлија Шакировиќ која никако не може да се избрише од неговото паметење, а со кого до ден-денес се пријатели и покрај големото „непријателство“ во рингот.
„Во тоа време Шакировиќ настапуваше за Рудар од Алексинац. Јас бев во подем, а средбата ја суедеше Мирко Леов. Тој имаше една маана, изгелуваше со главата наназад, па ме удри и ми го раскрвави носот. Се обратив кон судијата, а тој ми даде јавна опомена. Си велам во себе нема шанса да го победам и за да му вратам, иако неспортски, ќе го удрам со нога. Ама, и тогаш не успеав да го стигнам, бидејќи имаше голем осет и располагаше со голема брзина. Сепак, останавме другари до ден-денес“, се присетува Мице на боксерските денови во поранешна Југославија.
Ipon.mk/В.Д.