Тренерот на еден од најтрофејните и најстари карате клубови во Македонија Металург, м-р Мирче Јанушевски, се огласи со коментар (анализа) испратен до редакцијата на Ипон.мк по повод состојбите во Карате федерацијата на РС Македонија.
КК Металург, односно неговите каратисти се освојувачи на 12 медали од големите меѓународни првенства. Металург во 2017 година ја освои шампионската титула на Европското првенство за региони во Приштина-Косово.
Каратистот Иво Цветковски го освои и првиот сениорски медал во борби за македонското карате, сребрен од европските првенства. Тоа се случи во Братислава 2007. Таа година Цветковски беше прогласен и за спортист на Македонија.
Други позначајни резултати се бронзата на Огнен Груевски на ЕП во Атина во 2010 година, бронзата на Мартин Несторовски на ЕП за сениори во Истанбул во 2015-та и бронзата на Европските игри во Баку во 2015 година, а не изостанаа ни медали и во кадетско-јуниорската конкуренција, како и во дисциплината кати. Одличја се освојуваа и на Универзијадите, ЕП за региони, Балканијадите …
Ова е коментарот на Јанушевски:
„Како долгогодишен член на Карате федерацијата на Македонија посебно ме загрижува оваа состојба во која сега се наоѓа федерацијата и се плашам од нејзино понатамошно ескалирање и влошување.
Процесот на нагласено нарушување и деградирање на односите во федерацијата се случува во последните две години односно после завршување на последниот трет мандат на претседателот Драган Стојановски (со последните измени во Законот за спорт претседателите може да имаат два последователни мандати).
Ќе напоменам дека претседателот на авторитарен начин раководеше со федерацијата при што создадената гласачка машина му овозможуваше спроведување на секоја негова одлука и желба без разлика дали е во согласност со Законот или актите на федерацијата или дали со неа истите се прекршуваат и дали при тоа се нарушуваат правата на клубовите и натпреварувачите. Овој начин на управување со федерацијата доведе до тоа да решенијата за споровите и проблемите се бараат наместо во федерацијата во надворешни институции на државата, односно во Судовите и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Во јануари 2021 година по предлог на Драган Стојановски и со негова поддршка беше избран за нов претседател Горан Милковски, инаку негов близок соработник во претходните мандати како член на ИО на КФМ. Драган Стојановски во новиот состав на ИО на КФМ, ја зазеде позицијата потпретседател со право на потпис, како и претседателот, а со тоа и понатаму, дефакто, беше највлијателна личност во федерацијата. Набрзо потоа почнаа да се чувствуваат несогласувања. И само по неколку месеци, Горан Милковски како претседател на ИО на КФРСМ, под притисок формално даде усна оставка, односно беше сменет. Во кулоарите се зборуваше дека Горан Милковски се обидел во вршењето на претседателската функција да биде самостоен, што некому не му се допаднало и тоа било причина за неговата смена.
Сето тоа наликуваше на организиран „пуч“, меѓутоа некое посебно известување и официјално објаснување од страна на федерацијата за клубовите немаше.
На негово место како вршител на должност претседател до наредното Собрание беше назначен Драган Стојановски.
За да се комплицираат работите во тој период беа сменети и претседателот на судиската комисија Боби Војдиновски, најдобриот судија во федерацијата, носител на сите меѓународни лиценци, европски и светски и судија со најголем меѓународен авторитет, како и селекторот на сениорската репрезентација во борби Сашко Арсовски, еден од најдобрите натпреварувачи и тренери во федерацијата.
За прв пат во 2021 година се случи од страна на еден официјален државен орган, државната Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), по претставка од карате клубовите Кеикс и Металург до КСЗД (поднесена на 02.10.2019 година) против КФМ согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, донесе Мислење во кое утврди дека КФМ има направено по разни основи директна и индиректна дискриминација спрема спортисти-каратисти. Со тоа, полека почна да се разоткрива авторитарниот начин на управување со КФМ и да излегува на виделина непочитување на законите од државата и самоволието во толкување и примена на правните акти на федерацијата од страна на Драган Стојановски и ИО на КФМ што на крај доведе до дискриминација на натпреварувачите и клубовите.
КФМ од КСЗД имаше добиено Мислење во кое се констатира направена директна и индиректна дискриминација по повеќе основи направена од страна на органите на федерацијата кон нејзините членови. Главните забелешки како извор за дискриминација се однесуваа кон Правилникот за избор, финансирање и наградување на државни репрезентативни селекции (Правилник) и одлуките од ИО на КФМ поврзани со учество од натпреварувачите на меѓународни првенства и беше дадена Препорака како тоа да се отстрани.
За жал ИО на КФМ и покрај оваа тешка квалификација за дискриминација и даденото мислење и препорака од КСЗД како тоа да се исправи, не успеа да ги отстрани причините за дискриминација и усвои нов Правилник без мериторен систем за избор на најдобри каратисти во сите државни репрезентации што создаде услови за понатамошна дискриминација. Битно е да се спомене дека при донесување на новиот Правилник воопшто не беа вклучени клубовите, ниту од нив се бараше мислење, што е една од карактеристиките на авторитарното управување.
Затоа карате клубовите Кеикс и Металург поднесоа нова претставка до КСЗД (поднесена на 11.11.2021 година) против КФМ за директна повторена и продолжена дискриминација, како и индиректна дискриминација во областа на спортот по основ на лично својство и општествен статус кон спортисти каратисти.
Сите овие случувања придонесоа за нарушување на состојбите во федерацијата.
Во јануари оваа година на изборно собрание беа избрани нов претседател и делумно изменет состав на ИО на КФРСМ.
Како претседател, повторно по предлог и со поддршка од Драган Стојановски, сега беше избран Петар Белистојаноски, поранешен селектор за борби.
На Собранието Драган Стојановски беше прогласен за почесен претседател на федерацијата и со тоа формално правно требаше да му престанат сите извршни надлежности, односно ја доби титулата почесен претседател, титула без реална власт и овластувања.
На 10.02.2022 година, по втората претставка доставена до КСЗД против КФМ, од КСЗД е усвоено Мислење со образложение и Препорака со истата тешка квалификација за утврдена директна повторена и продолжена дискриминација по основ на лично својство и општествен статус како и по основ на возраст во спортот извршена од страна на КФМ кон спортисти каратисти, како и индиректна дискриминација извршена од страна на ИО на КФМ во врска со Одлуката за определување критериуми и услови за избор на репрезентативци за настап на ЕП во Прага.
Во образложението беше укажано и на прекршуввање на Статутот од Федерацијата со узурпацијата на правото од собранието на КФМ, од страна на ИО на КФМ, да решава за здружување и излегување на федерацијата од членство во меѓународни организации во карате спортот. Имено ИО на КФМ донел одлука за излегување од Балканската карате федерација, иако спрема статутот тоа право го има единствено Собранието. Потоа, повторно за враќање во Балканската карате федерација, решава ИО на КФМ на предлог од селекторот, што пак е прекршување од Статутот.
КСЗД заедно со мислењето достави и препорака до КФМ за активностите кои треба да се преземат за елиминирање на утврдената дискриминација по сите основи.
Така на новиот претседател му беше оставена федерација со доста големи акутни проблеми:
- Неусогласени правни акти од федерација со Законот за спорт;
- Неусогласеност од статутот со Законот за спорт и бројни непочитувања на статутот од федерацијата од ИО;
3.Со мислења и препораки од КСЗД според Законот за спречување и заштита од дискриминација за направена директна и индиректна дискриминација;
4.Со проблеми околу обезбедување финансиски средства за работа на федерацијата и неоправдано префрлување од финансискиот товар врз грбот на клубовите и
5.Нарушени меѓучовечки односи и поделба во федерацијата и огромно незадоволство од страна на клубовите.
Претседателот Петар Белистојаноски и новиот состав на ИО на КФРСМ како извршни органи на федерацијата имаа време од 7 месеци да се справат со наведените проблеми меѓутоа не најдоа начин како да ги решат.
1. Неусогласени правни акти од Федерација со Законот за спорт.
– ИО на КФРСМ не успеа да го испочитува Законот за спорт и да ги усогласи своите правни акти со него иако измените во Законот се донесени во 2016 година.
– Собранието на КФРСМ сè уште не е конституирано согласно Законот за спорт член 14-а став 2, бидејќи во него нема претставници на спортските тренери, ветерани, судии и спортисти.
2. Неусогласеност од статутот со Законот за спорт и бројни непочитувања на статутот од Федерацијата од ИО на федерацијата.
– Не се внесени одредбите од Законот за спорт ова е видливо од членот 26 став 2 од Статутот на КФРСМ од каде се гледа дека во него не се внесени измените од Законот за спорт за состав на Собранието.
– Непочитување на статутот член 32 став 3 алинеја 15 со узурпација правото од Собранието да одлучува за здружување и излегување од меѓународни организации од карате спортот од страна на ИО на КФМ.
– Непочитување на статутот членовите 10, 20 и 21 со игнорирање на ставовите и правата од клубовите.
3.Со мислења и препораки од КСЗД според Законот за спречување и заштита од дискриминација за направена директна и индиректна дискриминација.
– Првите преземени чекори од новото раководство беа ургентно да се постапи по мислењата и препораките од КСЗД (беше препорачано да се одржи итно седница на Собранието на КФРСМ во рок од 30 дена на која ќе се разгледаат двете мислења и препораки од КСЗД) односно да се изработи нов Правилникот за избор, финансирање и наградување на државни репрезентативни селекции во кој ќе биде отстранета содржината која предизвикува дискриминација односно да се вгради мериторен систем за критериуми за избор на репрезентативци.
– Повторно без консултации со клубовите ИО на КФРСМ на 07.03.2022 година донесе нов Правилник кој при првата примена се покажа како неприменлив и после одржаното државно првенство за четири категории мораше дополнително да се одржуваат мечеви бидејќи согласно Правилникот не се знаеше кој е победник односно репрезентативец меѓу натпреварувачите.
– Бидејќи Правилникот не ја елиминира дискриминацијата поднесена е трета претставка против КФРСМ.
– На 20.07.2022 година ИО на КФРСМ усвојува нов Правилник по брза постапка преку електронско гласање од членовите на ИО на КФРСМ, без дискусија меѓу членовите од ИО по истите, без можност клубовите да го кажат своето мислење и да предложат измени. Во Правилникот се отстранети сите квантитативни показатели како составен дел од мериторниот систем за избор на репрезентативци и е дадено дискрециско право на селекторите да ја избираат репрезентацијата врз основа на десетина критериуми кои ќе бидат толкувани од нивна страна, а предложените репрезентативци ќе ги усвои ИО на КФРСМ.
– Правилникот за избор, финансирање и наградување на државни репрезентативни селекции е најбитен за карате клубовите и натпреварувачите, бидејќи ги определува начинот и условите по кои натпреварувачите се изборуваат за место во репрезентациите што е крајна цел на секој еден натпреварувач и клуб односно ја вреднува севкупната работа на клубовите.
– Од таа причина следуваше лавина од негативни реакции од страна на клубовите и беа испратени десетина дописи во кои се укажуваше на неприменливоста на ново усвоениот Правилник, огромното дискрециско право кое го имаат селекторите кое ќе овозможи дискриминација и со барање Правилникот да се повлече и изработи нов.
– ИО на КФРСМ со нескриена доза на ароганција ги игнорираше и не одговори на ниеден од уредно доставените писмени дописи од страна на клубовите дадени како нивна оправдана реакција кон новиот Правилник, иако според Статутот беше должен тоа да го направи и писмено да одговори на сите дописи.
4.Со проблеми околу обезбедување финансиски средства за работа на федерацијата и неоправдано префрлување од финансискиот товар врз грбот на клубовите.
– Обврската од Законот за спорт предвидена со член 14 став 2 не се почитува.
„Националнита спортска федерација на Република Македонија (во понатамошен текст: Национална спортска федерација), покрај работите ос став 1 на овој член, ги составува и се грижи за државните репрезентации“.
– Оваа обврска на Федерацијата е дефинирана и во Статутот на КФРСМ член 37 став 13 Извршниот одбор ги врши следните работи: „Се грижи за обезбедување на услови, материјално-финансиски средства и други претпоставки за остварување на целите и задачите од член 11 од овој Статут и активноста на Федерацијата и одлучува за нивната намена“.
– Меѓутоа во Правилникот за избор и работа на државните репрезентативни селекции на Република Северна Македонија во карате спортот (пречистен текст) донесен на 20.07.2022 година без јавна расправа меѓу клубовите и без да се земат предвид нивните реакции и забелешки оваа обврска од Законот за спорт и Статутот практично е префрлена на клубовите и натпреварувачите.
ПРАВИЛНИК
9. ФИНАНСИСКИ ОДРЕДБИ
Член 22
Финансирањето на репрезентацијата ќе се врши согласно остварените натпреварувачки резултати и финансиската состојба во КФРСМ.
Член 23
На натпреварувачот кој се натпреварува за поединечна и екипна кадетска, јуниорска, У21 и сениорска репрезентација во борби и кати, а согласно критериумите од член 3 на овој Правилник, трошоците за подготовка и учество на натпревари ќе зависи од финансиската состојба во КФРСМ.
– Меѓутоа во Правилникот за избор и работа на државните репрезентативни селекции на Република Северна Македонија не постои ниту една определена парична награда за постигнат меѓународен успех за натпреварувачите и тренерите и сè зависи од волјата на ИО на КФРСМ.
Член 28
Одлуката за награда, надомест за стручната работа и исплата на дневници на директорот на репрезентацијата, селектори на државна репрезентација и други официјални лица донесува Извршниот одбор на КФРСМ.
– Во врска со наградите сакам да напоменам дека во првиот правилник од 22.01 2011 година имаше табела со износи за наградување за освоени врвни резултати од меѓународни првенства.
ИЗНОС НА НАГРАДИ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ ВРВЕН СПОРТСКИ РЕЗУЛТАТ
ТАБЕЛА1
Индивидуално | Светско првенство кумите-ката | Европско првенство кумите-ката | ||
Сениори/ки | Кадети/јуниори/ки | Сениори/ки | Кадети/јуниори/ки | |
1-во | 3000 | 1500 | 2000 | 1000 |
2-ро | 1500 | 700 | 1000 | 700 |
3-то | 1500 | 500 | 700 | 500 |
Екипно | Светско првенство кумите-ката | Европско првенство кумите-ката | ||
Сениори/ки | Кадети/јуниори/ки | Сениори/ки | Кадети/јуниори/ки | |
1-во | 4000 | 2500 | 3000 | 2000 |
2-ро | 3000 | 1800 | 2000 | 1500 |
3-то | 2000 | 1000 | 1500 | 1500 |
1бод=1евро во денарска противвредност
Оваа табела беше избришана од Правилникот една година подоцна на 09.02.2012 година од страна на ИО на КФМ ден по заминувањето на репрезентацијата на Европското карате првенство за кадети, јуниори и У-21во Баку, Азербејџан, што беше крајно некоректно од нивна страна и никогаш повеќе на се усвои иста или слична табела.
-Затоа за илустрација на политиката што ја води федерацијата, а како контраст на точно определени нула награди, од поранешниот состав на ИО на КФМ под претседателство на Драган Сојановски, донесен е Дисциплински правилник кој е се уште во сила со членови во кои точно се определени дури 49 парични казни во износ од 60,00 до 1.000,00 евра за натпреварувачите, клубовите и членовите на федерацијата кои може во одредени случаи да се удвојат на 120,00 до 2000,00 евра.
Во Дисциплинскиот правилник недостасуваат уште затворски казни, за Правилникот стане кривичен а нашата федерација да се претвори во Казнена Федерација на Република Северна Македонија.
ТАБЕЛА2
Вредноста од
коефициент К ја одредува висината на парична казна |
За единечна вредност на коефициентот од 2 евра паричната казна изнесува | Член 12-а ако за 6 месеци сторителот на прави друг прекршок паричната казна се удвојува и крајниот износ е 2.000,00 евра | Број на предвидени казни |
К=30 | 60 евра | 120 евра | 1 |
К=50 | 100 евра | 200 евра | 3 |
К=100 | 200 евра | 400 евра | 9 |
К=100-250 | 200-500 евра | 400-1000 евра | 14 |
К=100-300 | 200-600 евра | 400-1200 евра | 1 |
К=100-500 | 200-1000 евра | 400-2000 евра | 2 |
К=140 | 280 евра | 560 евра | 1 |
К=150 | 300 евра | 600 евра | 3 |
К=150-300 | 300-600 евра | 600-1200 евра | 3 |
К=200 | 400 евра | 800 евра | 2 |
К=200-500 | 200-1000 евра | 400-2000 евра | 2 |
К=250-500 | 500-1000 евра | 1000-2000 евра | 7 |
К=500 | 1000 евра | 2000 евра | 1 |
Очигледно е немањето осет за рамнотежа меѓу казни и награди, почит спрема карате спортот, спортистите, тренерите и клубовите.
-Котизацијата за учество на државно првенство за сениори од 600,00 денари зголемена е на 1.000,00 денари оваа година и покрај реакцијата од клубовите во состојба кога ваучерите за клубовите беа намалени за 50% а клубовите се сретнуваат со огромни проблеми за обезбедување финансиски средства.
-Клубовите за сениорите за првпат оваа година ги платија сите трошоци за настап на Европско првенство за сениори.
5.Нарушени меѓучовечки односи и поделба во федерацијата и огромно незадоволство од страна на клубовите.
-Од страна на ИО на КФРСМ беше направен обид за надминување на состојбите со организирање состанок меѓу претставници на ИО на КФРСМ и карате клубовите Металург и Кеикс кои се подносители на претставките до КСЗД и кои имаат покренато судски спор за изречена дисциплинска казна од страна на Дисциплинската комисија на федерацијата. За жал очигледно ИО на КФРСМ е се уште под влијание на поранешниот претседател(сега почесен) Драган Стојановски кој во суштина генерираше дел од проблемите со непочитување и прекршување на Дисциплинскиот правилник и резултатот од тој состанок е еднаков на нула.
Капката која ја прели чашата и предизвика најголем револт е донесувањето на новиот Правилникот за избор и работа на државните репрезентативни селекции на Република Северна Македонија при тоа:
- ИО на КФРСМ покажа повторно ароганција при неговото донесување.
- Правилникот е донесен дилетантски, по брза постапка, без учество на клубовите и без јавна расправа за истиот.
– Не е одговорено на ниеден од десетина дописи од клубовите како реакција на содржината во Правилникот.
– Во правилникот нема јасна слика, постапка како се избира репрезентација.
– Во Правилникот не е определено како ќе се одвива финансирањето на Репрезентациите, единствено е јасно дека ќе плаќаат клубовите.
– Во Правилникот не се определени награди за постигнат врвен спортски резултат од европски и светски првенства за натпреварувачите и тренерите.
– Федерацијата како да живее во некој имагинарен свет. Кажува дека не може да обезбеди финансиски средства за репрезентациите, обврска што ја има од Законот за спорт и статутот, а од друга страна во исто време без проблеми им наметнува обврска и бара од клубовите да плаќаат и до 2.000,00 евра за дисциплински казни и што е најтрагично да плаќаат и за настап на нивните репрезентативци кога ја претставуваат Македонија на официјални европски и светски меѓународни првенства.
Од погоре кажаното јасно е дека ИО на КФРСМ со својата досегашна работа покажа целосна:
– Неспособност конечно да се усогласи работењето на КФРСМ со Законот за спорт што е сериозен сигнал за некомпетентноста на ИО на КФРСМ.
– Неспособност да се почитуваат одредбите од статутот на КФРСМ.
– Неспособност да се почитуваат и спроведат Мислењата и Препораките од КСЗД За елиминирање на дискриминацијата во КФРСМ. Неколкуте последователни Мислења и Препораки од КСЗД го потврдуваат тоа
– Неспособност да се извршува основната функција грижа за репрезентативните селекции и обезбедување материјално-финансиски средства и префрлување на цел финансиски товар врз грбот на клубовите и натпреварувачите.
– Неспособност и немање знаење да се надминат внатрешните тензии.
Од сето претходно произлегува логичен заклучок дека претседателот Петар Белистојаноски и членовите на ИО на КФРСМ воопшто не се спремни да ги решаваат виталните проблеми на федерацијата и да ја водат истата.
Истовремено, сите овие преземени чекори и активности од страна на актуелното раководство, со невидена ароганција и следејќи го авторитарниот начин на водење на федерацијата наследен од претходниот претседател, создадоа тензија и чувство на загрозеност за виталните интереси кај клубовите.
Во таква една ситуација, како единствен можен одговор на ова однесување од раководството на КФРСМ, карате клубовите чувствувајќи се загрозени и во своја одбрана почнаа да собираат потписи за свикување вонредно Собрание на КФРСМ за смена на ова раководство.
Очигледно најдобро е во моментов цело раководство на КФРСМ да поднесе оставка и да остави простор оваа криза да се надмине на најлесен и најбрз можен начин.
Што се однесува до замешувањето од поранешниот претседател, потпретседател, в.д. претседател и актуелен почесен претседател Драган Стојановски во оваа криза, иако е без извршна функција, тоа во најмала рака е неумесно и само го отежнува патот за излегување од истата, имајќи предвид дека има најголем придонес за избувнување на истата.
Тој кога беше претседател со својата ароганција изрази најголемо непочитување и омаловажување на тренерите во федерацијата кога по повод 50 години од постоење Карате федерацијата на Македонија на ниеден тренер не му додели признание, а со нивните резултати освоени европски и светски медали доби национална спортска пензија, како спортски работник. Понатамошни коментари не се потребни.
Лично мое мислење за него е тој да стои по страна и да се однесува согласно титулата почесен претседател и да не се меша во извршните работи на тој начин најдобро ќе помогне на карате спортот ако воопшто му е дојдено до тоа.
Верувам дека федерацијата ќе успее да најде сили да излезе од оваа криза уште посилна во интерес на карате спортот“.
(Овој коментар го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Ипон.мк.)