Михаела Мишовска: Доколку финалето се одржуваше во истиот ден – ќе се пееше македонската химна

Михаела Мишовска го забележа најголемиот успех во кариерата освојувајќи го сребрениот медал на Европското карате првенство за сениори во Задар, Хрватска, со кој кја вброи Македонија во нациите кои освоија медали на шампионатот.

Во финалето каратистката на Олмпик спорт загуби од Хрватката Ема Сгардели.

За успехот, за финалето и за теми кои не се поврзани со карате спортот разговаравме со Мишовска.

Сребрениот медал од Европското првенство ти е матурски подарок. Какво е чувството на двојно славје, европски медалист и матурант?

– За мене тоа чуство е нешто неописливо. Не можам да најдам зборови со кои би го опишала тоа доживување. Тоа се емоции кои доаѓаат од внатре. Во еден момент скокаш од радост дека си влегол во финале, па потоа плачеш од среќа, преовладува возбуда итн. И верувам дека ова е најубавиот и најскапоцениот подарок кој би го посакал секој спортист.

Каков беше приемот кај соучениците матуранти и воопшто пречекот по освојувањето на медалот?

Пречекот од страна на моите најблиски ми беше прекрасно изненадување кое искрено не го очекував, бидејќи во Скопје пристигнавме во раните утрински часови. Голема благодарност до моите тренери Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски, клупските другари од Олимпик спорт 2007 кои за цело време ми беа поддршка ,како и моето семејство, роднините и пријателите. Посебна благодарност упатувам до Бананакик за поддршката на целата организација.

Секако, вечерта на матурската прослава бев топло пречекана од моите соученици и класниот раководител од СОУ „Методи Митевски-Брицо”.

Како матурант и спортист со врвен резултат во кој правец ќе се определиш во иднина? Односно, што ќе студираш?

-Понатаму сакам да се определам за психологија. Идејата да се запишам на оваа струка е да ги спојам човечката психологија и спортот. Бидеќи еден  спортист за да постигне врвни резултати потребно е освен физичката подготвеност да биде и психички стабилен за предизвикот што го очекува.

Сите борби на ЕП беа тензични и до крај неизвесни, со исклучок на финалето. Како беше во тие мигови кога се кршеше резултатот?

– Точно така. Сите борби беа неизвесни до крај, сите противници имаат различен начин на борба и поседуваа различни тактики. Дел од противниците имаат богата историја и големо искуство со што ми го отежнуваа патот до финалето. Искрено, да ви кажам дека во сите борби бев максимално сконцентрирана, ги слушав сите совети од селекторот и во ниту еден момент не осетив психо-физички замор. Сакам да додадам, доколку финалето се одржуваше во истиот ден цврсто сум убедена дека ќе се пееше македонската химна.

Кога ти беше најтешко?

– Кога се смирија страстите од влезот во финале и откако ми стана јасно дека јас сум во борба за златен медал со добро познатата репрезентативка на Хрватска Ема Сгардели. Почуствував голем притисок и вознемиреност, а најголемо влијание врз мене имаше мислата дека ова е мое прво финале во сениорска конкуренција. И уште многу прашања ми се вртеа низ глава на кои немав одговор.

Во финалето се забележа агресивен стил на домашната каратистка и брзо поентираше. Дали нејзината агресивност, публиката и судиите влијаеја на финалната борба?

– Како што ви одговорив на претходното прашање, сите тие фактори влијаеја врз резултатот на финалната борба. Но, можаж да кажам и дека самата атмосфера во салата придонесе мојата противничка да го даде својот максимум искористувајќи ги моите години и моето искуство.

Потекнуваш од карате семејство, татко ти Живорад и мајка ти Сребра се твоите први учители. Колку тоа ти беше одлучувачко да се определиш за каратето и да истраеш?

– Да, јас потекнувам од семејство кое се занимава и го изучува карате спортот долги години. Моите родители се основачи на Карате клубот Тигар 2003 од Беловиште, Тетовско, кој важи за еден од посериозните клубови во Македонија. Уште од најмала возраст бев присутна на сите тренинзи и семинари кои ги одржуваа во склоп на клубот и од сето тоа што го гледав се роди желба за карате. Активно почнав со тренинзи од мојата 5-годишна возраст. Во 9-годишната кариера во КК Тигар активно се натпреварував на многубројни домашни и меѓународни натпревари, државни првенства и младински лиги, како и балкански и европско првенства во младински категории.

Колкава е нивната улога во овој медал и на сегашниот клупски тренер и селектор Александар Кузмановски?

– Медалот е заслуга на целокупната работа и подршката на целиот тим околу мене. Во оваа прилика сакам да ги спомнам и луѓето кои во текот на овој подготвителен период беа со мене и се заслужни за овој успех. Покрај моите тренери Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски, моите родители, тука се и тренерот Тони Богдановски, заслужен за мојата физичка подготвеност и мотивација, како и моите клупски другари кои веруваа и работеа со мене. Колку и да напишам и да се заблагодарувам е малку.

Како освојувач на сребрен медал од ЕП, какви се плановите за иднина?

– Учество на Серија-А и Премиер лиги со надеж на поволен резултат и искачување на светската ранг листа.

Која е твојата порака до младите?

– Никогаш не се откажувајте од вашите соништа.

Што друго те интересира освен карате спортот?    

– Во слободно време организирам еко акции за да ја подигнам свеста на младите и да ја одржуваже чиста и здрава  средината во која што живееме. Исто така се занимавам со вдомување на бездомни животни и секое вдомено животно за мене претставува исполнување и мотивираност бидејќи може да се каже дека на секое вдомено животно му е подарен нов живот. И за крај, моето најголемо хоби е одгледување и јавање на коњи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО