Менаџерот на Усик истакнува: Александар изгледа како киборг

Непоразениот Александар Усик во сабота за првпат ги брани титулите во тешка категорија на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО во реваншот против Ентони Џошуа.

Украинецот лани во септември со одлична тактика го совлада Џошуа на негов терен во Лондон, а сега реваншот ќе се одржи во Саудиска Арабија.

Олимпискиот шампион од Лондон пред три години ги обедини појасите во крузер категорија, а потоа се пресели во тешка категорија.

Усик ги победи Чаз Витерспун, Дерек Чисора и минатата година Ентони Џошуа.

Промоторот на Усик, Алекс Красјук, ја истакна одличната форма на Александар и колку му значи тој меч.

Имено, Усик е роден на Крим, а по руската воена инвазија на Украина веднаш се вклучи во одбраната на татковината.

„Украинскиот народ сака Александар да боксира и да победи. Цел свет нека го види подигнувањето на украинското знаме и нека ја слушне националната химна“, рече Алекс Красјук и додаде:

„Гледав некои снимки од тренингот на Усик. Александр изгледа како киборг. Ретко кој боксерски шампион учествува во војна, а потоа се враќа во рингот во меч за светска титула. Има комплицирана задача каква што никој досега не видел. Но, Усик брилијантно се подготви за тоа.

А шампионот е свесен дека го чека тешка задача.

„Сега влегувам во рингот со појасите и сите ќе ме чекаат. Во рингот влегувам како шампион, а тоа не значи дека ќе ми биде полесно. Нема да имам нималку лесна задача“, истакна Александар Усик и подвлече:

„Ќе бидам малку потежок од минатиот пат. Не знам колку ќе имам на денот на борбата, но ќе видиме на мерењето. Сакам сам да влезам во рингот и да ја завршам работата“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО