Меѓународниот карате турнир „Олимпик опен 2026“ ќе се одржи на 5 април

Еден од најдобрите македонски Карате клубови Олимпик од Скопје и оваа година ќе го организира четвртиот по ред Меѓународен карате турнир „Олимпик опен 2026“. Годинава се очекува овој турнир да привлече голем број на каратисти од Македонија и од Балканот. Организаторот очекува пријава од 700 натпреварувачи од седум земји кои ќе дојдат на овогодишното издание на „Олимпик опен 2026 “, кое ќе се одржи на 5 април (недела) со почеток во 10 часот во салата на СЦ „Јане Сандански“.
„Овој турнир на едно место треба да собере голем број на каратисти од Македонија во конкуренција на деца до 14 години, кадети до 16 и јуниори до 18 години, каде за прв пат ќе се даде акцент и предност на новите генерации, иднината на македонското карате во индивидуален и екипен дел во ката и во кумите и за прв пат опен категории со парични награди во двете дисциплини. Категориите ќе бидат исти како на државното првенство за деца и ќе биде добра проверка пред самото Државно карате натпреварување. За кадетите и јуниорите ќе биде предизвик зашто се очекува квалитетни борби со добри перформанси какви што има на овој турнир, како на едно европско и светско првенство. Финалиња со најава под светло и рефлектори со што се трудиме да го задржиме нивото на овој турнир со што ќе остане Најдобро организиран спортски настан во Македонија“, велат од Олимпик.

За првопласираните, освен златен медал и диплома, ќе има и пехар што е новитет на овие простори, а сето ова ќе се пренесува во живо на олимпискиот кана на МОК на Јутјуб.



