Мартин Баколе верува дека Фјури во реваншот ќе го нокаутира Усик

Поранешниот шампион на ВБЦ во тешка категорија Тајсон Фјури на 21 декември ќе се обиде да му се реваншира на Александар Усик за единствениот пораз во кариерата.

Имено, во средината на мај, во меч за апсолутен шампион, Украинецот го совлада Џипси Кинг и ги обедини титулите во тешка категорија, за првпат во ерата на четирите појаси.

Непоразениот Усик за десетина дена во Ријад ќе ги брани титулите на ВБА (Супер), ВБО и ВБЦ, бидејќи во меѓувреме го ослободи појасот на ИБФ, кој моментално е во сопственост на Даниел Дубоа.

Многу тешкаши бараат да се искачат на големата сцена, а еден од нив е Мартин Баколе. Брилијантниот Конгоанец има победничка серија од десет борби, од кои последната дојде во август со нокаут во петтата рунда против Џаред Андерсон.

И додека е одреден датумот за мечот против Ефе Ајагба, Баколе неодамна се осврна на претстојната пресметка меѓу Усик и Фјури, кои добро ги познава од спаринзите, и даде своја прогноза.

„Тајсон Фјури навистина ме импресионираше. Тој е голем човек и одлично се движи. А јас спарирав со Усик во мал ринг и му правев проблеми, само да му го видовте лицето кога спариравме. Секогаш беше максимално фокусиран, постојано му вршев притисок. А спарингот со Фјури беше добар, интересен за гледање“, се присети Марин Баколе, па откри на кого му дава предност во реваншот:

„Во нивниот прв меч толку не ме изненади Усик колку Фјури и неговиот настап. Си играше и не беше сконцентриран како на реваншот со Вајлдер. Ако сега така влезе во мечот ќе го нокаутира Усик. На реваншот против Вајлдер видовме поинаков Фјури, подготвен за победа. Кога ги стави рацете зад грб и не мрдаше, тоа покажа дека не е фокусиран на противникот. И тогаш една рунда и едно лево кроше менуваат сè. Фјури мора да биде стопроцентно фокусиран и не смее да се игра. Усик пак ќе биде истиот, бидејќи и тој сака да победи“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО