Македонската таеквондо федерација на 22 октомври во просториите на хотел Парк во Скопје го одржа годишното Собрание на кое се донесени неколку важни одлуки за развој на македонското олимписко таеквондо во следниот период.
Претседателот на МТФ, Борче Костовски, истакна дека патот по кој што се движи Федерацијата е целосно исправен, за тоа најголем доказ се врвните спортски резултати кои се случуваат веќе неколку години по ред и со тоа апсолутно се докажува дека ништо не е случајност и затоа слободно може да истакнеме дека МТФ е пример во нашата држава.
„Оваа година имаме два медала од европски првенства, неколку медали од светски Г-1 купови, до крајот на годината имаме шанси за уште врвни резултати“, истакна Костовски.
Претседателот на МТФ срдечно и се заблагодарува на сите институции кои и помагаат на МТФ, особено ја потенцираше помошта на медиумите кои пред се ги забележуваат сите успеси и со тоа масовно се приклучуваат во поддршката на сето она што го прават за Македонија. Споре него, со тоа конечно олимпискиот спорт таеквондо почнува да ја добива заслужената популарност.
Донесени се три клучни и врвни цели на МТФ за кои до крајот на годинава треба да се изработи целосна стратегија за исполнување на истите.
Се потенцираше веќе постојната стратегија за освојување на норми ОИ Токио 2020, планот се реализира квалитетно до овој момент.
Следни цели:
-Остварување на олимписки норми за ОИ Париз 2024.
-Остварување на врвни спортски резултати на СП, ЕП, и Г1 турнири.
-Развој на младинските категории во МТФ.
МТФ донесе правилник за бодување за натпреварувачките 2019/2020 година и 2020/2021 година за домашни и меѓународни турнири, за истиот се отвори широка и долга дискусија од сите присутни и на тој начин се изнајде најдоброто решение.
МТФ донесе шема со датуми и организатори за турнирски систем и државни првенства за 2020 година, истата ќе биде истакната наскоро.
На собранието беше гостин Филип Додевски носител на два европски медали во 2019 година.
Од МТФ истакнуваат дека продолжуваат со интензивна работа и посветеност, целејќи на врвни спортски постигнувања во овој олимписки спорт.