Скопје од 31 март до 3 април ќе биде домаќин на Европското првенство во кендо, за што во просториите на Агенцијата за млади и спорт говореа директорот Марјан Спасески и претседателот на Кандо иаидо федерацијата, Златко Кескоски.
„Добивањето на организација на ова Европско првенство не е случајност, туку е резултат на реализација на голем број проекти и активности од страна на Кендо федерацијата, а со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и сето тоа во насока на промовирање и развој на оваа боречка вештина. Македонија во изминатиот период беше одличен домаќин и организатор во повеќе спортови, меѓу кои и Балканското првенство во кендо, па верувам дека така ќе биде и на ЕП во кендо“, изјави директорот Спасески и додаде дека АМС од својот буџет одвои 600 илјади денари за што е можно подобра организација на првенството.
Спасески информира дека во изминатиот период во рамките на проектот за стручна специјализација на македонски спортисти во светски реномирани спортски центри почнувајќи од 2015 година вкупно 11 македонски тренери беа испратени во странство на усовршување, а денеска на двонеделна обука во Токио, Јапонија отпатуваа двајца тренери од Кендо Иаидо федерацијата на Македонија.
„Верувам дека на ваков начин ќе придонесеме кон развој на стручниот кадар во овие спортови што секако ќе претставува солидна основа за постигнување врвни спортски резултати“, нагласи директорот на АМС на денешната прес-конференција.
Претседателот на Кендо иаидо федерацијата на Македонија, Златко Кесковски, се заблагодари за поддршката што Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Македонија и како што рече, без таа помош, тешко дека Скопје ќе ја добиеше организацијата на Европското првенство.
„На овој мега настан ќе учествуваат 37 земји со 485 натпреварувачи. Сите тие ќе имаат можност да се запознаат со нашата држава, а токму промоцијата на Македонија преку овој настан е нашата примарна цел. Сакаме нивото на организација да го подигнеме во однос на досегашните првенства. Досегашниот тек на подготовките е според очекувањата. Очекуваме и голем број официјални лица, луѓе кои ќе се грижат за техничките работи, а во организацијата ќе вклучиме и стотина волонтери. Верувам дека ќе се прикажеме во добро светло, а тоа е предуслов да добиеме и организација на Светското првенство“, истакна Кесковски.
Македонија на шампионатот ќе има осум натпреварувачи во машка и во женска конкуренција во двете старосни категории – јуниорска и сениорска.
Ipon.mk/В.Д.