Мајка до Дејан Георгиевски: Ти и твојот успех сте ми првата вистинска радост откако го изгубив мојот син!

„Ќе споделиме, ова чувство треба да се сподели !“, вели тренерот на олимпискиот вицешампион Дејан Георгиевски, Дарко Костовси во статусот на Фејсбук.

„Вчера после неколку интервјуа за новинарите, јас, Деки и Марко од Рамстор се упативме накај плоштад на ручек. Како и сите останати денови откако сме вратени од Токио. Многу, многу луѓе го поздравуваат, му благодарат, му честитаат, мали дечиња се радуваат како на супер херој. Родители посакуваат да имаат таков син. И, секако, сите се фотографираат со Деки. Тоа е едно посебно чуство што мотивира како скоро ништо друго.

Вчера, додека се движевме до нас се доближи средновечна жена облечена во црно, тргна накај Деки и му рече: „Можам ли само да те гушнам“.

Деки рече секако, тоа изгледаше на чиста мајчинска прегратка, веднаш потоа жената (мајката) многу тивко му се обрати на Деки со зборовите: „Ти и твојот успех сте ми првата вистинска радост откако го изгубив мојот син“.

Таа реченица веројатно беше најмоќното нешто што сум го чул до тој момент. Деки видно се вознемири, ја погледна и уште еднаш ја прегрна. Веројатно немаше сила да додаде ништо друго.

Миг што ќе се памети засекогаш.

Немаме зборови како може да се опшише чувството кога знаете дека целиот наш народ сте го направиле горд и радосен. Движењето по улица е како бајка, и за тоа сме посебно благодарни на нашиот народ, на сите луѓе во Македонија!

Додека, пак, ожалостената Мајка не освести и не извади од бунилото кое што пробува да не владее. Таа јасно ни покажа што направивме во Токио.

Ќе продолжиме, уште поумно, уште посилно и уште по храбро. За Македонија!“, посочува Костовски.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON