Лука Валдеси ширеше позитивна енрегија: Тие што беа на семинарот зборуваат за него, а оние што не беа жалат! (ФОТО)

Valdesi gro plan

Семинарот на светскиот првак во кати и легенда на светското карате во Скопје, Лука Валдеси, викендов што помина собра 350 учесници од Македонија и останатите земји од регионот. Како медиум, ќе нагласиме дека валдеси беше прифатен од сите, и од најмладите и од највозрасните мајстори на каратето, како и од освојувачите на медали од европски и светски првенства. Затоа тој и возврати со италијанската грациозност и великодушност на голем шампион.

Valdesi raboti so deca mavasi

Поради овие причини побаравме мислења и од директните учесници и организатори на Семинарот, како Живко Тасевски и Симона Трајкоска од ШКК Јошитака од Скопје и Ивана Аврамова од КК Урбан инвест од Кавадарци.

Valdesi Zile ivana simona

Колку сте задоволни од организацијата на семинарот?

СТ: Мислам дека имавме повеќе од одличен семинар! Најголем показател за тоа е задоволството кај учесниците кое можеше да се забележи од вниманието со кое го следеа семинарот, како и од самиот израз на нивните лица. Почнувајќи од најмладите, учесниците на тренингот со хеан кати, па се до најголемите, односно оние кои учествуваа на четирите тренинзи со мајсторски кати. Немаше некој што беше незадоволен! Пред се, ова беше прв семинар од ваков вид во Македонија, земајќи ги предвид 22-те европски златни медали и 6-те светски златни медали на Валдеси, а дополнително на тоа учеството на повеќе од 350 учесници на семинарот направи Скопје да биде центарот на шотокан катите изминатиот викенд.

Valdesi so decata na seminarot

Дали, како организатори, го добивте тоа што го очекувавте од Валдеси?

ИА: И повеќе од тоа! Валдеси беше расположен да одговори на сите прашања кои ги имаа децата, да објасни, да покаже, колку пати и да се бараше од него. Магијата на тренинзите беше неопишлива. Секој тренинг траеше и повеќе од предвиденото, бидејќи сакаше да покаже колку е можно повеќе, да помогне во развојот на натпреварувачкото карате и да ги мотивира учесниците да ги остваруваат своите соништа во светот на каратето!

Valdesi - Zoran dervisov i

Како дел од организацијата и како човек кој најдолго е во светот на македонското, а и светското карате, како единствен селектор со медал од официјално Европско сениорско првенство, како ќе го оцените семинарот?

ЖТ: Како некој што долги години го следи развојот на каратето во Македонија, посебно на катите, можам да кажам дека со овој семинар направивме навистина многу за македонското карате. Лука Валдеси е шампион во секоја смисла на зборот. Од физички, подготвен да работи во континуитет и цел ден ако треба со децата, до лесно достапен и многу комуникативен за да им го олесни пристапот до себе на секој еден што сака да навлезе повеќе во она што се вика натпреварувачко карате.

Изминатиот викенд имавме натпросечно добар семинар. Пред се, многу од учесниците покажаа одличен квалитет, доста блиску до она што самиот Валдеси го демонстрираше и го бараше од учесниците. Многу од учесниците кои се на граница да се откажат од натпреварувачко карате, мислам дека успеавме да ги предомислиме, а оние што веќе се натпреваруваат и кои допрва треба да се натпреваруваат дополнително ги мотивиравме да одат напред по вистинскиот пат.

За мене како организатор, заедно со Симона и Ивана, најважно е тоа што уште на аеродромот ја почуствувавме заедничката позитивната енергија која ја ширевме едни кон други во текот на целиот семинар и дека Лука се чуствуваше како во својот дом и меѓу свои пријатели, тоа во голем дел придонесе семинарот да протече така како што протече, на највисоко можно ниво во организациона смила и во насока на програмата што ја одработи Лука. Жал ми е што многумина не го видоа и не поработеа со него, но сигурен сум дека ќе имаат и друга прилика во Скопје!

Valdesi so crni pojasi za kata

 Дали Валдеси повторно ќе го видиме во Македонија?

СТ: Долгогодишното пријателство со него уште повеќе се зацврсти со неговата прва посета на Македонија. Ветуваме дека ката семинарите со Лука Валдеси ќе станат традиција кај нас. Самиот Валдеси искажа огромно задоволство од организацијата и од нас како организационен тим, велејќи дека за него е најважно на самиот почеток да осети размена на позитивна енергија за да може на учесниците да им понуди повеќе од само „обичен“ семинар. Бидејќи од самиот старт, од неговото пристигнување тој се почувствува како дел од нашето карате семејство, ни вети дека нашата соработка нема да застане тука, и дека нема да дозволи да чекаме долг период пред повторно да дојде во Македонија.

Valdesi dobiva rakija

Како стандарден репрезентативец на Црна Гора, сениорски ката, Бисерка Радуловиќ, изјави дека е презадоволна од семинарот.

-Се беше точно на време, организациски беше совршено. За Валдеси излишно е да се зборува. Физички беспрекорно е подготвен, отворен за прашања и за време на тренингот и по него. Одговараше на сите прашања, максимално се трудеше на сите да им објасни колку што е можно повеќе. А за квалитетот негов, немам коментар, уште долго ќе биде број 1!

Valdesi i Abdurahim

Европскиот вицешампион во кати, кадети, Абдурахим Идризи, го изјави следното:

-Многу сум задоволен од семинарот, од сите 4 тренинзи. Прекрасно објаснување на катите, се на се, убаво доживување. Пред доаѓањето на Валдеси се подготвував на некој начин гледајќи ги неговите тренинзи на интернет, но тука видов повеќе од што очекував и беше поинтересно од она што го замислував. Научив дека треба да поправам неколку техники, посебно во „гоџу шихо шо“ и „унсу“, а ме импресионираше објаснувањето на „ганкаку“, веројатно, бидејќи таа ката Валдеси посебно ја доживува. Веќе првиот ден по семинарот почнав да работам со тренерот на применување на наученото. Во старт кај „гоџу шихо шо“. Со сигурност ќе го применувам наученото од големиот Валдеси.

Valdesi i Vladanka avramova

Владанка Аврамова, во пресрет на Државното првенство за деца од 11-14 години:

-Ми беше голема чест тоа што Лука Валдеси дојде во Македонија, а посебно тоа што нашиот клуб заедно со Јошитака го организираа тој настан. Поради искуството од Умаг знаев дека тренинзите ќе бидат на високо ниво и дека секој тренинг ќе се разликува од претходноит и дека ќе научиме многу нови работи. Уште повеќе се израдував кога ми соопштија дека ќе имам индивидуален тренинг со Валдеси како поклон за мојот 14-ти роденден. Од тој тренинг научив уште повеќе работи за „ганкаку“, која е моја омилена ката, воедно и најдобра. Иако семинарот траеше само еден викенд, научив многу за натпреварувачкиот дел од каратето. Со тоа, семинарот многу ми помогна да се подготвам уште подобро за државното првенство и да си го променам мојот пристап кон ката натпреварите.

Valdesi i Nina Dzordzevik

Нина Ѓорѓевиќ, ШКК Јошитака, вицешампион за 2012 година на Светското шокотан карате првенство, вели дека многу научила од Валдеси и дека мотивацијата сега е на највисоко ниво.

-Треба почесто да има вакви семинари кај нас, за да имаме прилика да учиме од најдобрите.

Ipon.mk/В. Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON