Луѓето на Нејт Дијаз проговорија за инцидентот на улица: Тоа беше самоодбрана

Претставниците на ММА борецот Нејт Дијаз го дадоа првиот коментар во врска со инцидентот во кој поранешниот борец на УФЦ влезе во улична тепачка и примени задушување на човек кој има неверојатна сличност со инфлуенсерот Логан Пол. Мажот е идентификуван како Родни Петерсон, а тепачката пред еден бар во Њу Орлеанс за време на викендот гo крена притисокот во боречките спортски кругови.

Полицијата во Њу Орлеанс издаде налог за апсење на Дијаз, а се испостави дека помладиот од конфликтните браќа е свесен дека се бара.

„Адвокатот на Дијаз, Волтер Бекер, потврдува дека Нејт добил налог за апсење и неговите адвокати се во контакт со градските власти“, рече портпаролот на борецот, Зак Розенфилд, во официјалната реакција на американската веб-страница за ММА ММА Фајтинг.

„Во моментов, тимот на Дијаз се обидува да ги претстави сите факти за да докаже дека Родни Петерсон, кој е обучен борец, се обидувал да го привлече вниманието на Нејт и да стапи во физички контакт. Нејт дејствува целосно во ситуација на самоодбрана. Во овој момент нема да се даваат дополнителни коментари“, се додава во соопштението.

Дијаз присуствуваше на боксерски настан со неговиот пријател Крис Авила. Полицијата набрзо по тепачката пристигнала на улица и ја ставила ситуацијата под контрола. Доколку биде прогласен за виновен, борецот може да се соочи со ефективна казна до 8 години затвор и парична казна од околу 2.000 долари.

Засега не е јасно кога Нејт Дијаз ќе им се предаде на властите. Жртвата на социјалните мрежи сподели видео во кое зборува дека сака да се одмазди и вели дека губењето на свеста и падот на земја резултирало со удар во главата.

Нејт Дијаз треба да се соочи со Џејк Пол во боксерски меч на 5-ти август. Како инцидентот ќе се одрази на неговиот тренинг и што ќе се случува оттука натаму, засега никој не може да предвиди.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО