Леон Едвардс по победата над Колби: Плачев по таа прес-конференција, Колби е валкано човечко суштество

Шампионот на УФЦ во полусредна категорија призна дека не му било лесно по грдите зборови на Колби.

Леон Едвардс, шампионот на УФЦ во полусредна категорија, имаше многу тешка и емотивна борбена недела. „Роки“ беше на удар на Колби Ковингтон, борецот со кој денеска се бореше за појасот во полусредна категорија на УФЦ.

Во четвртокот вечерта УФЦ одржа прес-конференција пред настанот УФЦ 296, а Колби Ковингтон со изјава го шокираше светот на ММА.

„Ќе те одведам во седмиот круг на пеколот, а таму ќе се поздравиме со татко ти“, му рекол Ковингтон на Едвардс.

Леон го изгубил својот татко како 13-годишно дете, а неговиот татко бил застрелан во ноќен клуб во Лондон. Колби знаеше да го удри Едвардс право во срцето, а Леон чекаше во кафезот шанса за одмазда.

Чекаше да се одмазди. Едвардс без поголеми проблеми го победи Колби и го одбрани статусот на шампион во полусредна категорија, а по мечот се осврна на одвратната изјава на Колби.

„Овој меч беше многу емотивен за мене. Овој тип (Колби) го искористи убиството на татко ми како забава и ми требаше долго време да се смирам и да останам фокусиран. Луто плачев по прес-конференцијата. Не можете да се потсмевате со смртта на татко ми, а тој го направи тоа. До денес, моето срце е скршено поради убиството на татко ми, а тој (Колби) рече дека татко ми треба да гори во пеколот“, рече Леон во интервјуто со Џо Роган, а потоа потврди дека му е жал затоа што не успеал да го заврши Колби.

„Сто проценти е моја вина. Имав чувство дека сум многу подобар борец и дека сум технички многу поиздржан. Но, тој е и добар борец, одржа два добри натпревари против Камару Усман. Тој е одличен борец, но валкано човечко суштество“, додаде „Роки“.

Сигурно ова е една од омилените победи на Едвардс во кариерата. Се борел против лицето кое го барало правото да го „смести“ неговиот татко во пеколот. Леон имал тешко растење и мора да му било многу тешко, бидејќи татко му не ја дочекал приликата да го види синот како го освојува појасот на УФЦ. На Едвардс му недостигаше таа татковска фигура во најчувствителните години на растење, а Колби Ковингтон само им додаде сол на сите тие рани.

Позитивниот лик во целата оваа приказна на крајот излезе како победник и на многумина им е драго поради тоа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО