Куртановиќ: КФМ манипулира со информации за да направи слика за публиката која не ги познава состојбите во карате спортот!

Тренерот на КК Кеикс, Елвир Куртановиќ, повторно се огласи по последните измени во Правилникот за избор, финансирање и наградување, но сега по одговорите на Карате федерацијата на Македонија на укажувањата и забелешките. Куртановиќ вели дека се направени со грубо вметнување на претходни решенија без никакво усогласување, во тој контекст го наведува и Павилникот за избор на тренери, нагласувајќи дека се со сериозни пропусти и грешки и со својата содржина ќе имаат сериозни последици за клупските тренери и натпреварувачи и како такви се предмет на несогласувања и кавги.

„Усвоениот Правилник за избор, финансирање и наградување, повторно, со однапред засмислено сценарио ги погодува најзаслужните за постигнатите врвни спортски резултати во карате спортот (натпреварувачите и нивните тренери), за што, нормално, следеа реакции од Мирче Јанушевски, тренер на КК Металург, Бошко Заборски, тренер на КК Макпетрол и мојата реакција. Со оглед на големето искуство, а и постигнати врвни спортски резултати, тренерите на клубовите нормално е да дадат забелешки, со цел да ги заштитат правата на своите натпреварувачи како и правата на клубовите, без чија заслуга, посветеност и стручна работа немаше да има вака големи спортски резултати.  На укажувањата  за направените пропусти следеше одговор од КФМ потпишан од претседателот, а изготвен од друго лице, кое судејќи спрема одговорите, е некомпетентен за оваа проблематика, но би рекол целта е постигната, некаков одговор е даден за оправдување пред јавноста“, истакнува Куртановиќ.

Според него, содржината на одговорот јасно укажува на неподготвеноста на раководството на КФМ за корекции и вистински решенија, но и не остава простор за каков било компромис, како решенија за проблемите кои долго се предмет на неформални договори и ветувања за надминување на проблемите кои се од примарно значење за функционирање на клубовите кои пред себе имаат за цел врвен спортски резултат.

„Ваквата пракса на игнорирање на укажувањата на клупски тренери и протнување на работи на мала врата,  правилници и нивна селективна примена е само уште еден показател на двојни стандарди на работењето на КФМ, што за познавачите на оваа проблематика е продолжение на старата пракса. Еден од многуте таквите примери е последно објавената Ранг листа на КФМ“, наведува поранешниот европски првак.

Тој не се согласува со популистичките политики и преставување на работите како се да е во најдобар ред, кога тоа со сигурност не е така. Од тие причина си дал оставка од Стручниот совет.

„Стручниот совет работи по принципот на формирање на групи за надгласување, како и гласање по е-меил, без да присуствуваат на состаноци и на крајот да ти одговорат дека си присуствувал и дека е несериозно и неприфатливо вашето барање. Ќе заклучам дека враќањето на одземеното право на спортистите да се натпреваруваат не е несериозно и неприфатливо, туку заедничка задача треба да ни биде овозможуање на натпреварувачите да се натпреваруваат, да ја искажат својата посветеност и лојалност кон државните интереси на начин на кој само они тоа го можат и знаат. Манипулација со информации е слика за публика која не ги познава состојбите во карате спортот, додека праксата укажува на сериозни недостатоци и неправилности кои КФМ инаетливо и неаргументирано не сака да ги отстрани, туку ги крие и погрешно ги преставува“, заклучува Куртановиќ.

Ipon.mk/В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО