При крајот на месецов или почетокот на Февруари, Македонската таеквондо федерација (МТФ) ќе го одржи годишно Собрание. На Собранието ќе бидат разгледани работата на Федерацијата и настапите на репрезентативните селекции во 2016 година, како и усвојување на предлог-програмата и плановите за 2017 година.
Претседателот на МТФ, д-р Борче Костовски, по тој повод потенцира дека 2016 година е најуспешна за македонското олимписко таеквондо, затоа што македонските репрезентативци во сите возрасни категории освоија над 300 меѓународни медали.
„Нашата репрезентативка Петра Матијашевиќ освои историски медал за Македонија, бронзен на Европското првенство, односно во олимписки спорт, што е еден од најголемите успеси за македонскиот спорт воопшто. Во 2016 година Македонија доби четири балкански шампиони, од кои еден во сениорска конкуренција, Марко Стевиќ, што е и најголем успех досега на Балканијадите. Македонските репрезентативци освоија 9 медали од највисока класа на Г-1 турнири од светски ранг, меѓу кои и еден златен на Дејан Георгиевски. Потоа на Европското првенство за кадети во Букурешт, Романија, каде што Марко Аврамовски за прв пат во македонската таеквондо историја успеа да го мине првото коло на ЕП“, истакнува Костовски.
Претседателот на МТФ го потенцира и настапот на јуниорските репрезентативци на Светско првенство за во Бернаби,Канада, при што Филип Додевски и Дејан Георгиевски за прв пат на СП поминаа по едно коло, а во второто коло загубија со премногу тесен резултат и смета дека ова само по себе е огромен успех на македонското таеквондо.
„Сакам да истакнам голема благодарност до тренерите и спортистите од сите клубови членки на МТФ и да им честитам за успешната работа во текот на целата 2016 година. Очекувам сите заедно да настапиме и во 2017 година и да донесеме историски резултати за Македонија“, вели Костовски.
Ipon.mk/В.Д.