Конор Мек Грегор се повлече од претседателската трка во Ирска

ММА борецот Конор Мек Грегор објави дека се повлекува од трката за претседател на Ирска. Мек Грегор требаше денес да се обрати пред Градскиот совет на Даблин и Советот на округот Килдер, во обид да се најде на гласачкото ливче за изборите во октомври.
За да има право да се кандидира, кандидатот мора да биде номиниран од 20 членови на ирскиот парламент или од четири локални власти. И, мора да биде ирски државјанин над 35 години. Спортистот ја објави својата одлука во објава на социјалните мрежи.
„По внимателно разгледување и во консултација со моето семејство, се повлекувам од оваа претседателска трка“, напиша тој. „Ова не беше лесна одлука, но е вистинската во овој момент“.
Мек Грегор рече дека бил „чесен и искрен“ во врска со своите намери да се кандидира и дека е „вистински понизен“ од „поддршката и охрабрувањето“ што го добил.
Тој тврдеше дека правилата за подобност во „застарениот устав“ на Ирска се „лудачка кошула“ што спречува „вистински демократски претседателски избори“. Мек Грегор рече дека уставот гарантира дека изборите биле „наместени за да се обезбеди дека само одобрени кандидати ќе бидат избрани на гласачкото ливче“.
„Овој демократски дефицит, спротивно на волјата на ирскиот народ, беше успешно увеличен со моето изразување интерес“, додаде тој.



