Конор Мек Грегор доби улога во римејк на филмски хит

Славниот Ирец, Конор Мек Грегор, ги следи стапките на Камару Усман и Даниел Кормиер, па ќе се испроба и во актерството.

Озлогласениот се здоби со сериозна повреда на ногата пред нешто повеќе од една година на мечот против Дастин Пориер.

Ја санираше повредата и се врати на тренинзите, но под знак прашалник е дали и кога ќе им се врати на борбите ѕвездата на УФЦ.

Но, со нов потег Мек Грегор сака да покаже дека е подготвен да застане пред филмска камера.

Имено, тој доби улога во римејкот на големиот филмски хит „Роуд хаус“ од 1989 година, во кој главната улога ја толкуваше Патрик Свејзи.

Во филмот улогата на Џејмс Далтон ќе ја толкува Џејк Гиленхал, додека Конор Мек Грегор ќе добие споредна улога.

Филмскиот римејк се подготвува веќе неколку години, а пред седум години улогата ја доби Ронда Русеј.

Снимањето на филмот беше одложено, а Ронда во меѓувреме ја загуби улогата.

„Конор Мек Грегор е многу возбуден што ќе му се даде можност да ја прошири својата кариера во Холивуд и ќе му се придружи на Џејк Гиленхал во оживувањето на саканата класика Road House. Иако сака да продолжи со боречката кариера, ова е уште еден потфат во империјата на Мек Грегор. Го чека вистинска авантура“, ​​изјави портпаролката на Конор, Карен Кесле.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО