Боксерските прваци Ентони Џошуа и Тајсон Фјури потпишаа договор за обединување на титулите на ВБА, ИБФ, ВБО и ВБЦ. Џошуа е сопственик на титулите на ВБА, ИБФ и ВБО, додека Кралот на Ромите го носи шампионскиот појас на ВБЦ. По повеќемесечни преговори се договорени две борби.
„Сè е потпишано. Наскоро ќе се знае кога и каде ќе се случи првата борба“, изјави агентот на Џошуа и главниот организатор на настанот, Еди Херн и додаде:
„Следниот месец сакаме да имаме сè решено. Најтешкиот дел е секогаш кога сите треба да го потпишат договорот. Вложивме многу напор во овие преговори“.
Неодамна Херн изјави дека сите од страна на Џошуа потпишале договор, а Фјури и неговиот тим сè уште чекаат. Очигледно на другата страна и требаа неколку дена добро да го прочешлаат договорот пред да ги стават потписите.
Конечно го направија тоа и организацијата на големиот боксерски спектакл доби зелено светло.
„Го направивме најтешкиот дел. Изминатите неколку месеци беа многу стресни“, призна Еди Херн и продолжи:
„Имаме осум или девет понуди од оние кои сакаат да организираат голем боксерски настан. Тоа е еден од најголемите боксерски мечеви, па дури и еден од најголемите спортски настани во светот. Оној што ќе го организира мечот ќе оствари една голема победа“.
Боксерскиот спектакл треба да се одржи во јуни, а Саудиска Арабија во моментов е најспомнуваниот домаќин на првиот настан. Очигледно дека шеиците се подготвени многу да инвестираат.
Tyson Fury and Anthony Joshua have agreed to a two-fight deal to unify the heavyweight titles, per @MarkKriegel
Both fights are expected to take place in 2021.
IT’S ON. pic.twitter.com/YvlS4qV79a
— Bleacher Report (@BleacherReport) March 15, 2021