Карл Фроч смета дека Тајсон Фјури размислува за пензија

Поранешниот светски шампион во суперсредна категорија Карл Фроч е еден од најпопуларните боксерски аналитичари и коментатори на Островот.

Неодамна изјави дека Ентони Џошуа не требало да го освои златниот олимписки медал во 2012 година, а сега се осврна и на шампионот на ВБЦ, 34-годишниот Тајсон Фјури, кој не се борел од декември минатата година, кога со прекин го победи Дерек Чисора.

„Мислам дека Тајсон Фјури веќе со една нога е во пензија. Неговите тренинзи меѓу борби не се толку интензивни како порано и веројатно му е доста. Паѓа од форма, а потоа се враќа и победува“, изјави Карл Фроч и додава:

„Фјури е голем и брзо се движи, лесен е на нозе и верувам дека може да се бори со секој борец. Немаше да има проблем дури и против конкуренцијата од 80-тите и 90-тите. Верувам дека ќе биде успешен против некои од најдобрите борци од старата школа како Ленокс Луис или Ивандер Холифилд“.

Но, поранешниот британски боксер го обвинува Џипси Кинг што ретко влегува во рингот.

„Тој не се бори и тоа им пречи на љубителите на боксот. Во ММА сите се борат, во фудбалот тимовите играат еден против друг, а во боксот го имаш Фјури кој само вика и воопшто не се бори“, истакна Карл Фроч и подвлече:

„Не ни верувам дека Ентони Џошуа сака повеќе да се бори и изјави дека тоа го прави само за парите. Не разбирам кога некој вели дека 100 милиони фунти не му се доволни. Постојано меѓусебно се обвинуваат, но ако борците сакаат да се пресметаат, тогаш мечот може да се договори.

Тајсон Фјури следниот месец ќе го прослави својот 35 роденден.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON