Македонските натпреварувачи ги направија првите тренинзи на Европските игри во Баку, сега се очекуваат мерењата и жребката за каратистите и борачите.
Марин Несторовски и Емил Павлов утре го имаат официјалното мерење, а ќе бида познати и нивните противници по жребувањето. Емил првиот настап ќе го има во сабота, а Мартин во недела. Тие се подготвуваат во Кристал хол, каде што се одржа Евросонгот, по програмата на тренерот на репрезентацијата Петар Белистојановски. Оваа сала има три помали сали за карате, таеквондо и мечување.
И борачите ги започнаа тренинзите во комплетен состав, бидејќи во Баку на останатите им се придружија Тимур Хамикоев и Халил Зубаиров со тренерот и селектор во грчко-римски стил Љубиша Пешко. Селекторите Пешко и Лулзим Вренези, како и Николај Корнеев и Гајдар Гајдаров, ги мотивираат нашите борачи да влезат што посамоуверени на душекот и да освојат медал.
Сите очекувања на нашата јавност, но и на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и федерациите, се свртени кон каратистите и борачите, како можни освојувачи на медали, иако нивните турнири се исклучително силни.
ipon.mk/В.Д.