Од 24 до 29 октомври во Будимпешта ќе се одржи Светското првенство во карате на кое ќе учествуваат 988 каратисти со 1130 натпреварувачки влезови од 112 држави. Македонија ќе настапи со 18 каратисти.
Карате федерацијата на Македонија објави дека успешно се завршени подготовките и дека натпреварувачите се подготвени за СП.
Пред СП дел од нашите репрезентативци ги искажаа очекувањата на шампионатот.
На последното СП во Дубаи Емил Павлов освои сребрен медал, што е најголем успех на македонското карате. Од светските првенства имаме и бронза која ја освои Жарко Арсовски на СП 2010 година во Белград.
Очекувањата на јавноста се дека овој успех може да се повтори и да се подобри. Павлов вели дека подготвен за нов предизвик.
„Па, токму така, го имам најголемиот успех од последното Светско првенство до Дубаи пред 2 години. Отсекогаш мојот сон е да бидам светски првак. Изминатиов период тренирав макотрпно и посветено, ќе дадам се од себе да да си го остварам сонот. Сепак, ќе биде многу тешко има навистина голема конкуренција, но јас сум подготвен за овој предизвик“, потенцира Павлов.
Емил наведува дека имале успешни подготовки и неколку контролни натпревари, како Балканското првенство и Карате 1 Серија А во Ларнака. Тој изразува задоволство од подготовките и натпреварите и вели дека е во задоволителна форма.
Според Павлов, битно за успех ќе биде желбата за победа, искуството и добра тактика.
„За подготвеност, сигурен сум дека сите натпреварувачи се максимално подготвени. Мислам дека овие три работи се битни за еден голем успех“, вели Емил.
Успесите на светските првенства се поврзани со Павлов и неговите тренери. Жарко Арсовски има бронзен медал од шампионатот во Белград, а Сашко Арсовски се бореше за бронза на СП во Мексико. Сега само Емил е во можност да го заокружи циклусот со златен медал. Ќе се радува ли македонската и штипската јавност на шампионска титула?
„Па да, токму така, ние имаме медали од светските првенства, а самото тоа кажува дека многу е тешко да се дојде до медал.
На Светско сениорско првенство круна на мојата кариера би било да освојам и златен медал од СП! Можам да ветам дека само ќе го дадам најдоброто од мене ќе се борам до крај за да ја израдувам македонскста и штипската јавност со голем резултат“, категоричен е најдобриот македонски каратист.
Ангела Мојсовска вели дека последните два месеци се исполнети со доста активности се со цел подобра подготвеност и форма за настап на Светското првенство.
„Пред се ги имавме Државното првенство и Плејоф турнирот, кои ни беа квалификациски турнири. Потоа имавме настап на Балканското првенство и на Карате 1 Серија А. Беа добри контролни турнири. Следеа подготовки со Хрватската репрезентсција во Охрид. Во моментов ги завршуваме последните подготовки со репрезентацијата во Дојран пред самото тргнување и настап“.
Мојсовска е оптимист.
„Верувам дека не постои некој од репрезантивците кој нема позитивни очекувања од настапот на ова Светско првенство. Нормално, конкуренцијата ќе биде огромна и не треба наивно да се пристапи, но секој може да се победи, никој не е непобедлив. Знам дека ќе дадам се од себе да го покажам тоа што најдобро го знам“, вели Мојсовска и додава:
„Покрај добрата физичка и техничка подготвеност, добра психичка смиреност, сталоженост и јасните мисли според мене се едни од пресудните моменти за успех со кои еден спортист се соочува. Нормално, и „добар жреб“, иако на Светско првенство се најдобрите. Па, секој жреб е добар жреб. Како за крај, тука е и спортската среќа, но среќата ги прати храбрите. Најважно е да се покаже најдоброто од себе и да сме задоволни од настапот, а успехот ќе дојде сам по себе“.
Вероника Костовска вели:
„Очекувањата се големи, влогот е голем, сите сили и мисли се насочени спрема Светското првенство. Се надевам на позитивен резултат и наша голема радост и исполнување на сонот“.
Таа истакнува дека подготовките поминале во најдобар ред, во добра атмосфера и одлично тренинзи
„Пресудно за успех ќе биде смиреноста во текот на борбите, мотивацијата и чисти мисли и глава“, нагласува Костовска.
Петар Спасеновски најавува дека е во добра форма.
„Па, според добрата подготвеност изминатиот период во мојот матичен клуб Макпетрол и подготовките со хрватската репрезентација и завршните во Дојран, можам да кажам дека се чувствувам одлично и формата е на високо ниво. Пресудно за успех ќе биде спортска среќа и да се даде максимум на денот кога ќе настапиме, како во поединечниот дека, така и во екипен“, истакнува Спасеновски.
Матеј Белистојаноски имаше добар настап на Карате 1 Серија А во Ларнака, Кипар, и освои бронза. Белистојаноски е најмлад во репрезентацијата во борби.
„По долгото жешко и напорно лето во подготовки, прво за влез во репрезентација,а потоа и за самото Светско првенство, полека се приближува и долго очекуваниот Мундијал. Во борбата за бронзен медал на Серија А во Кипар се здобив со повреда која ми го наруши концептот на тренинг и поради лекарската препорака за мирување и физикалната терапија ги прескокнав подготовките во Охрид со хрватската репрезентација, што ме извади малку од ритам. Но, на завршните подготовки што се одвиваа во одлична атмосфера во Дојран повторно се враќам во посакуваната форма, со која, како на секое првенство, така и на Светското, ќе атакувам на медал“, вели Белистојаноски.
„Само што влегов во сениорска конкуренција и веднаш ме чека карате Мундијалот, но за мене тоа претставува предизвик. Свесен сум дека покрај квалитетот и формата има и многу други фактори кои ќе одлучуваат во поделбата на медали. Но, и покрај тоа што можеби ќе бидам најмлад во категоријата, се надевам дека квалитетот, формата, а и со тоа што не влегувам во првенството како еден од фаворитите, односно ослободен од императивот и притисокот за медал по секоја цена, ќе изненадам и ќе се вмешам во борбата за медали“, категоричен е Матеј и додава:
„Останува во добра атмосфера и без повреди да ги завршиме подготовките и на првенството да го дадеме својот максимум и се надевам дека сета пот и труд ќе се валоризира со медал. Со нетрпение го очекувам првенството“.
Искусната Јована Георгиева вели:
„Подготовките за СП поминуваат добро. Се чувствувам добро. Нормално, ќе дадам се од себе. Пресудно за успех ќе биде фокусот на денот на мечевите, правилна тактика и нејзино спроведување“.
Михаела Мишовска вели дека формата е на високо ниво
„Подготовките поминуваат одлично, формата на сите нас е на високо ниво. Пресудно за успех ќе биде добар жреб и, секако, спортска среќа. Ветувам дека ќе дадам максимум во борбите на моето прво сениорско Светско првенство“, истакнува Мишовска.
Боите на Македонија на СП ќе ги бранат:
-50 кг Михаела Мишовска
-55 кг Јована Греоргиева
-61 кг Вероника Костовска
-68 кг Ангела Мојсовска
Женската кумите екипа ја сочинуваат: Георгиева, Костовска, Мојсовска и Манева.
-60 кг Матеј Белистојаноски
-67 кг Емил Павлов
-75 кг Мурсел Мисини
-84 кг Петар Спасеновски
+84 кг Берат Јакупи
Машкиот кумите тим: Белистојаноски, Павлов, Месини, Витомир Трајковски, Спасеновски, Јакупи и Стефан Стојановиќ.
Кати
Мартина Арсовска
Давид Спасовски
Ката тим жени: Арсовска, Јована Манчевска, Теа Гашева и Андреја Алексовска.
Кати тим мажи: Кристијан Бајовски, Давид Спасовски, Александар Спасовски и Андреј Стојановски.
Фото на репрезентација: КФМ