Носителот на бронзениот медал од Европското сениорско првенство во Истанбул, Турција, Мартин Несторовски од КК Металург и македонската женска репрезентација во борби, Наташа и Моника Стефановски, Симона Заборска (КК Макпетрол) и Драгана Тодоровска (КК Металург), кои го постигнаа досега најголемиот успех во екипна конкуренција во борби, освојувајќи го петтото место, денеска ги прими градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Трајановски, кој во младоста тренирал карате, дека квалитетните спортисти треба да бидат пример за младите идни спортисти, кои допрва почнуваат да спортуваат, а со своите резултати, пак, и да ги потикнат да остваруват врвни постигања.
Тренерот Мирче Јанушевски од Металург вети дека каратистите и понатаму ќе продолжат вредно да тренираат и освојуваат медали на силни натпреварувања, но укажа и на фактот дека остварените пласмани треба и соодветно се наградуваат, односно онака како што тоа го налага Законот за спорт, а да не се прават отстапки, како што е тоа токму случајот со женската карате репрезентација во борби и нивното петто место освоено во Истанбул, а чии репрезентативки, според актуелниот Закон за спорт, треба да добиваат парична стипендија како спортистки од меѓународна категорија.