Каратето или ќе се приспособи на контролираната деструкција или ММА и К-1 ќе му ја земат популраноста и масовноста

Karate izvedba od Kenan

Каратето во Македонија од неговото постоење, па сè до денес, доколку ретроактивно го анализираме, лесно ќе забележиме дека со самиот развој и напредок на општеството отсекогаш било подложно на промени во начините и во пристапите на вежбање, во промената на правилата, и тоа во зависност од барањата и од околностите на одредено време. Директно или индиректно, подложно е на апсорбирање на позитивни или на негативни информации и влијанија. Позитивното се насетува низ леснотијата на размената на информации што се достапни за младите каратисти кои ги консумираат преку електронски пат, што порано беше невозможно. Денес сите карате збиднувања и новости се достапни на „дланка“ со еден „клик“. За експресно време, што порано беше невозможно. Негативното, пак, се насетува прку недостатокот на идеи, ентузијазам, немањето на идоли, површноста со која се третираат одредени проблематики проследени со недостаток на полна одговорност, слабата примена на научните достигнувања, како и минималното ангажирање на експерти по кинезиологија.

Кенан Асани
Кенан Асани

ВОВЕД

Каратето како спорт, а не како вештина, со строго определена терминологија и правила, за првпат е претставено од Јапонците на Светското првенство во Токио во 1970 година, а масовно е прифатено од останатите земји во светот, меѓу кои и тогашната Југославија, а со тоа и во Македонија, како тогашен составен дел. Каратето гледано низ призмата на историјата на боречките спортови може да се каже дека сè уште го држи приматот на организиран спорт со многубројно членство со што не можат да се пофалат останатите боречки спортови. Инаку, во понатамошниот текст, покрај неопходните промени во сите карате дисциплини, сепак, акцентот ќе го насочиме кон промените во спортската борба. Инаку спортската борба се дефинира како прилика на спортистот да тестира до кој степен ги совладал основните техники и колку ефикасно тие можат да се применат во борба со вистински противник. Но, со појавата на новите дисциплини од боречки спортови, како што се К-1, ММА, кои преферираат контролирана деструкција на противникот, каратето како да запаѓа во недоверба и губи од својата популарност и атрактивност. Во понатамошниот текст стриктно ќе се задржиме на спортската борба, така што зголемувањето на атрактивноста се однесува првенствено на тој сегмент, но со можност на настап и со нови идеи во смисла на атрактивни изведби на кати, посебни елементи и техники, надвор од спортската борба како посебни целини што би биле предмет на проценка и оценување.

Karate izvedba od Kenan 2

ПРИЧИНИ

Со сигурност можеме да констатираме дека причините се комплексни и лежат во долгогодишните неадекватни согледувања, планирања и програмирања на челниците на повеќе стилските федерации, и тоа почнувајќи од трите светски федерации: WUKO преименувана во WKF – Светска карате федерација, ITKF – Интернационална федерација за традиционално карате и WKC – Светска карате конфедерација. Понатамошните причини можеме да ги бараме во немањето на јасни предикции и концепции во самите карате федерации на самите земји-учеснички. Доколку извршиме поподробни анализи, неминовно ќе биде да ги споменеме судиските организации во самите карате федерации во самите земји и во рамките на светските федерации. Имено, примената и измените на определени правила мора да се насочуваат кон подобрување и зачувување на атрактивноста на карате техниките, а не измените на одредени правила да ги ограничуваат и дестимулираат креативните техники, надградби и идеи. Карате клубовите што партиципираат во карате федерациите со свои членови во управувачките одбори, разни судиски, натпреварувачки, дисциплински комисии итн. мора да се фокусираат на овој проблем и заеднички да придонесат преку свои концепти, сугестии и предлози за целисходен пристап, надградба и авансирање во смисла на стимулирање и фаворизирање на напредните техники што максимално би се бодувале, што би резултирале со максимален ангажман за нивна изведба од страна на самите натпреварувачи. Како следна причина може да се наведе недоволниот стимул или поттик на самите тренери во потрага по нови атрактивни елементи во смисла на финансиска награда, јавно признание или слично.

Неадекватно стручно образование на самите тренери кои претежно припаѓаат на различни струки и профили, а најмалку на потребната – кинезиолози, чиј придонес од научен аспект би бил многу поцелисходен, навремен и егзактен.

ПРЕДЛОЗИ

 Челниците на светските карате федерации треба да предложат: – подготовка и создавање на услови за имплементација на глобални планови во смисла на унапредување на креативното – атрактивно карате, – подготовка на примери на стратегии и методи за негово спроведување, – адекватно наградување и признание спрема нивоата на достигнување на спортистите и на тренерите, – адекватно наградување или признание спрема нивоата на достигнување и презентирање на спортските работници, новинарите или спонзорите кои на кој било начин учествуваат во афирмацијата и поддршката, – измена на судиските правилници во смисла на максимално бодување на атрактивни техники, – измена на судиските правилници во смисла на отстранување на досегашните правила и одредби што не придонесуваат кон бодување на ваквите елементи, што индиректно би значело и немање поддршка или интерес од страна на натпреварувачите и тренерите за изведба, – новите дотогаш неизведени атрактивни карате техники да можат да бидат именувани по имињата на самите изведувачи или автори, – предлози за формирање на посебна дисциплина со посебен назив и третман на тренинзи што би можела да го оправда правото значење на каратето, како повисок степен на усовршување со примена на зафати и техники со кои е можна контролирана деструкција на противникот, а сепак во рамките на спортските правила. Од страна на карате клубовите неминовно е: – стручно усовршување на карате тренерите од научен и од практичен аспект (организирање и посета на научни конференции, карате и судиски семинари и сл.), – стручно усовршување на карате тренерите за новите форми и методи на вежбање каде што основна цел ќе биде контролирана деструкција на противникот во рамките на спортските договорени правила, а не како досега симболична деструкција, – стручно усовршување на карате судиите од научен и од практичен аспект (организирање и посета на научни конференции, карате и судиски семинари и сл.).

ЗАКЛУЧОК

Од досега изнесеново можеме да заклучиме дека подобрувањето на состојбите и излезот од наметнатата карате монотонија и неатрактивност се можни преку подготовка и создавање на услови за имплементација на глобални планови, како и примери на стратегии и методи за спроведување во смисла на унапредување на креативното – атрактивно карате, како и воведување на нова карате дисциплина каде што ќе се оправда изворната смисла на каратето – во реална борба вистинска деструкција на противникот, а во спортска борба контролирана деструкција. Овие зацртани и замислени идеи, како и нивната финална имплементација се во надлежност на претседателите на трите светски карате федерации, нивните управни одбори и останати структури. Покрај усовршувањето на постоечката спортска борба со дозволена изведба на атрактивни техники што се строго контролирани и дозволената симболична деструкција на противникот, воедно со прокламирањето и воведувањето на нова дисциплина каде што ќе биде дозволена контролирана деструкција на противникот во рамките на спортските правила би овозможило враќање на изгубениот рејтинг во смисла на реалната борба, а, сепак, оценувана преку спортската борба. Ваквата проценка, иако апсолутно е погрешна (во смисла на компарации на ефикасноста на одреден спорт), сепак предлогот за воведување дополнителна нова спортска дисциплина во рамките на постоечкиот спорт ќе овозможи еден нов пристап кон промоција на реалното карате и спротивставување (во спортска смисла) на останатите боречки дисциплини кај кои преовладува една пореална борба со контролирана деструкција на противникот. Придобивките од овие измени се состојат во тоа што интересот и гледаноста на карате натпреварите ќе се зголеми, ќе се врати приматот на водечкиот боречки спорт, а секој спрема желбите и способностите ќе може да се натпреварува во избраната карате дисциплина и, како најважно, ќе ја оправда првобитната смисла и замисла на големите карате учители.

Стручен труд на проф. д-р Кенан Асани

– поранешен каратист  

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО