Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес-конференција на македонската карате репрезентација за кадети, јуниори и јуниори до 21 година, која од 12 до 15 ноември ќе учествува на Светско првенство во Џакарта -Индонезија.
„Настапот на ова светско првенство, а особено бројката на македонски каратисти кои заминуваат во Индонезија зборува за нагорната линија на македонското карате. Подемот во кој се наоѓа овој спорт го докажуваат големиот број на спортски резултати како на сениорски, така и на јуниорски план. Ова претставува уште една можност за докажување дека каратето во Македонија е еден од најтрофејните спортови“, истакна директорот на АМС Спасески.
По големите успеси на македонското карате, кое во изминатите години и ги донесоа Наташа Илиевски, Иво Цветковски, Жарко Арсовски, Ардита Исени, Огнен Груевски, Берат Јакупи. Мартин Несторовски и европскиот шампион во сениорска конкуренција Емил Павлов, Спасески очекува вакви резултати да имаме и во помладите категории.
Тој нагласи дека Агенцијата за млади и спорт константно дава финансиска и логистичка поддршка на карате спортот во Македонија. Настапот во Џакарта АМС го помогнал со 550.000 денари.
„Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите кои АМС ги доделува, со што им оддаваме почит и јавно признание. На тој наин докажуваме дека државата се грижи за врвните спортисти кои ја промовираат Република Македонија на меѓународна спортска сцена“, додаде Спасески.
Тренерот на репрезентцаијата за кадети и јуниори, Александар Кузмановски, исткана дека каратистите се максимално подготвени, а една работа му ветиле, како роденденски подарок.
„Очекувам резултат, односно да освојат едно големо одличје и да испишат историја, за да им се исполни животниот сон- да освојат медал од Свесткото првенство“, истакна Кузмановски.
Тој ги нагласи вредностите на сите посочувајќи ги европскиот кадетски шампион Вероника Костовска, а дека најмногу очекува од Моника Пендаровска.
Вероника Костовска и Моника Пендаровска рекоа дека ништо не ветуваат, но дека ќе го дадат максимумот за да остварат висок пласман. Тие се убедени дека Македонија ќе се врати со медали од СП.
Највозрсниот член во репрезентацијата, Виктор Крстевски, рече:
„Сите ќе го дадеме максимумот. Се надевам ќе се вратиме еден до два медали“.
Членот на Извршниот одбор на КФМ, Горан Милковски, соопшти дека во Џакарта ќе има работен состанок на Светската карате федерација (ВКФ) за понатамошната активност каратето да стане официјален олимписки спорт на Олимпијадата 2020 во Токио, Јапонија, бидејќи ВКФ е единствената карате организација признаена од Меѓународниот олимписки комитет.
ipon.mk/В.Д.