Карате муабет на сенсеи Пејов и владиката Наум: Борбата на секој човек како каратека или како духовник е борбата за љубов и мир насекаде

551

Викендов во Скопје се одржа Карате-до семинар во спортскиот центар со легендата на македонското карате Мирче Опелоски, за сите организации и стилови, а во во организација на Бушидо доџо Македонија и сенсеи Владимир Јовановски.

Меѓу многуте мајстори на карате до беше и митрополитот струмички Наум. Можеби ова е изненадување за многумина, но тој е носител на мајсторски појас први дан.

Валдиката Наум имаше кратка средба со сенсеи Зоран Пејов, при што разменија мислења за карате до.

„Се е енергија и енергијата нема граници. Ништо не е случајно. Така и оваа „случајна“ средба со владиката Наум беше проткаена со чиста карате до енергија. Кога универзумот говори повеќе од луѓето се случуваат нештата во вистинско време и на вистинско место. Карате до како духовна боречка вештина и православието како духовна религија со вечната борба да се биде подобар човек и за подобро утро за целото човештво. Тоа беше кратка средба, но со чиста „КИ“ во духот на изворното карате“, вели сенсеи Зоран Пејов од Карате центар „Пејов“ кој учествуваше на семинарот предводен од легендата на македонското карате Мирче Опелоски и додава:

„Разговорот беше исполнет со евоцирање на карате спомените и од времето на СФРЈ (беше спомнат и Војислав Билбија ), како еден од великаните во тоа време, а сега во служба на православието.

На крајот можам да кажам дека исконската борба на секој човек како каратека или како духовник е борбата за љубов и мир насекаде и сплотување на човечкиот дух воопшто. Благодарност и желби за подобро утро“.

Владиката Наум истакнал дека ја следел работата на сенсеи Пејов и дека се радува на секој негов успех и го поканил кај него во секое време.

Како борец, не сакал на мегдан да излезе само со Мирче Опелоски, затоа што сметал дека е многу силен.

Интервју на владиката Наум за „Утрински весник“ во кое раскажува за каратето, духовноста, моторите и фудбалот.

-Бев вљубеник во спортот и се уште носам спортски дух во себе. И до ден-денешен спортувам. Како дете многу играв фудбал и настапував за екипата од моето маало, за моето одделение, играв и за екипата на моето училиште “Кузман Јосифовски-Питу“. Едно лето, мислам дека бев седмо одделение, тренирав и во ФК Работнички во пионерската селекција. Некаде во почетокот на средното училиште, во 1976 година, почнав да тренирам карате. Тренирав во клубот Георги Димитров во истоимената гимназија. Пред да го завршам средното училиште, некаде на 18 години, освоив црн појас или мајстор по карате, прв дан (сега е носител на 5 дан – н.з). Неколку пати учествував на републичките првенства и секогаш бев меѓу првите тројца натпреварувачи во мојата категорија. Во 1979 година бев втор во Македонија во тешка категорија во конкуренција на каратисти до 18 години. Две години подоцна, веднаш по отслужувањето на воениот рок, во 1981 година успеав да победам на првенството на Македонија во полутешка категорија. Последен пат се натпреварував 1987 година, при што бев втор во сениорска конкуренција. Таа година бев и клубски првак, но потоа за мене од каратето како спорт, како моја голема љубов, остана само убав спомен, бидејќи заминав во манастир и се замонашив.

Зошто од сите спортови го избравте каратето?

– Отсекогаш сум бил борец и ги сакам сите боречки вештини. Каратето е и опасен спорт. Опасноста секогаш го принудува човекот сериозно да вежба, да тренира. Како опасен спорт, каратето му помага на човекот да го надмине стравот и да му се отворат очите за постоење духовна борба. Оттука, па натаму патот кон светот на борбата против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата (Ефес 6, 12) е отворен.

Колку беше тежок тој спорт за тренинг и натпревари?
– Секоја борбена вештина е опасна и тешка за тренинг и натпревари. Тоа посебно важи за каратето, една мала грешка и повредата може да биде мошне сериозна и кај вас и кај противникот. Телесната подготвеност е многу важна. Поради самото карате вежбав уште неколку други спортови: гимнастика, хата јога и боди-билдинг, но и зафати од други борбени вештини. Но, надминувањето на стравот, ладнокрвноста и духовниот мир беа клучни предуслови за победата во секоја борба. Овој квалитет, овој духовен мир ги постигнав во задоволителна мера во почетокот на мојот православен духовен живот во црквата, особено со молитвата за себе и за другите.

Слушнавме дека сте биле љубител на мотоциклите, дека сте возеле мошне брзо во младоста. Дали некогаш сте се натпреварувале на мототрки во Скопје?

– Ги сакав моторите како млад. Возењето мотоцикл беше поврзано со еден вид филозофија на слободата. Сакав мотоциклот да го возам на зајдисонце, кога Скопје беше речиси празен и кога боите на природата беа чудесно убави. Никогаш не сум се натпреварувал на некоја мототрка, ами возев од задоволство.
Моите пријатели-свештеници ми кажаа дека сте играле многу добро фудбал, дури дека сте биле подобар фудбалер отколку каратист.

Дали во Струмичката епархија постои фудбалски клуб како и во Скопската?

– Во каратето настапував натпреварувачки, се борев за титули и медали, фудбалот го играв чисто аматерски, што се вели. Признавам, фудбалот ми е поголема љубов. И денес играм фудбал кога можам. Но, фудбалот го споив со мојата пастирска дејност, особено кога забележав дека на тој начин ми се отвора полесен приод кон младите што не доаѓаат в црква. Фудбал обично играм наесен и напролет, а преку лето играм кошарка и пинг-понг.