Канело: Головкин не е некое чудовиште за кое зборуваа сите

Саул Алварез (49-1-2, 34 КО) уште еднаш покажа дека има цврста муцка.

Во судирот со Генадиј Головкин стана вториот боксер по ред, по Даниел Џејкобс, кој со казахстанскиот нокаутер ги одработи сите 12 рунди.

Иако во интервјуто во рингот веднаш по завршувањето на борбата, рече сака реванш, веројатно по консултацијата со луѓето кои му ја водат кариерата, се чини дека 27-годишниот Мексиканец повторно ќе го остави Головкин да чека. Во договорот за првата борба Канело има клаузула за реванш, но не и Головкин.

„Има сила. Тоа е поинаква сила во споредба со оние со кои се борев порано. Но, исто така, не е некое чудовиште за кое сите зборуваа. Тоа не го почувствував“, изјави Алварез преку преведувач на прес-конференцијата по борбата.

За време на борбата кога Канело возвраќаше не заостануваше зад силата на Головкин, што се покажа добро во десетата рунда кога го заниша со комбинација.

„Сакав да го нокаутирам. Сакав да го завршам во рингот, но мора да се има во предвид дека тој не е кој било противник. Немав лесен противник. Имав силен противник -… силен, комплициран и искусен и не се одржа во начинот на кој сакав јас“.

Мексиканската ѕвезда потврди дека во рингот нема да се враќа до мај следната година, додека Головкин следната борба ја планира за декември.

„Сега сакам да се одморам. Што и да сакаат навивачите и побараат ќе го направиме. Знаете дека тоа е мојот стил. Но моментално, кој знае дали тоа ќе биде во мај или септември? Па, едно е сигурно, тоа е мојата ера, Канеловата ера“.

На почетокот на пресот, Алварез истакна дека  реваншот треба да се одржи.

“Со ваква борба, се разбира, победуваат и боксот и навивачите. А ако навивачите сакаат повторно да ја видат оваа борба, зошто да не? Ќе може повторно да ја видат“, рече Канело кого Головкин го чекаше две години за првата битка.

Во разговорот се вклучи и претседателот на промоцијата на Голден Бојс, Ерик Гомез.

„Оскар (Де ла Хоја) рече дека има клаузула за реваншот, но не рече дека ќе ја искористи. Ќе седнеме со Алварез и ќе видиме што сака“.

Судиите мечот го бодуваа 114-114, 115-113 за Головкин и 118-110 за Канела.

Дури и промотерот на Канело, Оскар де ла Хоја, изрази несогласување со картичката која на неговиот боксер му дала победа од 10-2 по рунди.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON