Канело Алварез во здрава борба го симна Калум Смит од тронот во супер средна категорија

Сол Алварез – Канело забележа голема победа над Калум Смит во големиот судир меѓу нив за титулите во суперсредна категорија на ВБА и ВБЦ. Тие се сретнаа на гала вечерта во Аламодом во Сан Антонио, САД. Мексиканецот победи на поени и му го нанесе првиот пораз на шампионот во категоријата, кој досега имаше 27 победи од 27 натпревари.

Мечот започна со неколку испитувачки рунди, во кои и двајцата боксери беа претпазливи и не брзаа да напаѓаат. Смит се потпираше на неговите долги раце и директите, но Канело беше боксерот кој задаваше се повеќе и посилни удари.

Во четвртата рунда, Мексиканецот постепено почна да го зголемува темпото и за прв пат имаше знаци дека Смит е потресен.

Сепак, во следната рунда Британецот излезе доста мотивиран и зададе неколку прилично добри удари, овој пат рундата отиде во негова корист.

Сепак, Алварез брзо ја врати иницијативата. Седмата рунда ќе остане запаметена по моќниот аперкат во брадата на Смит. Во следните две рунди, Британецот се почесто се наоѓаше во тешки позиции покрај јажињата, а по уште една добра комбинација на Канело, се појави крв на лицето на Смит. Беше тешко здрман, но ја врати силата да остане на нозе.

Во последните три рунди од рингот имаше само еден боксер, а тоа беше Алварез, кој стори се за да го нокаутира својот противник. Сепак, Смит за чудо го преживеа баражот удари и ги издржа до последниот удар на гонгот.

Така, победникот требаше да го одредат судиите, но на сите им беше јасно дека тоа дефинитивно беше Канело Алварез, кој победи со едногласна одлука по поени (119-109, 119-109, 117-111). Така, ја забележа 54-тата победа во професионалниот ринг и ги освои појасите на ВБЦ, ВБА и „Ринг“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО