Кај Вучиќ договорена Регионалната клупска лига во бокс

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Претседателството прими висока делегација на боксот, по повод основањето на Регионалната клупска лига во бокс и организацијата на Светскиот шампионат, што ќе се одржи во Белград на крајот од ноември.

Боксерската федерација на Македонија ја преставуваше претседателот Примислав Димовски.

Боксерската делегација ја сочинуваа Ненад Боровчанин, претседателот на БСС со неговиот тим, претседателот на АИБА Умар Кремлев, претставници на боксерските федерациии од регионот (Словенија, БиХ, Хрватска и Македонија) и промоторот на Светското првенство во Белград Милош Биковиќ.

На состанокот во Генералниот секретаријат на претседателот на Србија присуствуваа и министерот за спорт и млади Вања Удовичиќ, како и претседателот на Олимпискиот комитет на Србија, Божа Малјковиќ.

Како што е соопштено од кабинетот на претседателот, Вучиќ изразил посебно задоволство од лансирањето на Регионалната лига во бокс со цел враќање и промовирање на регионалните клубови со долга традиција, кои имаат произведено бројни европски, светски и олимписки шампиони.

„Силно го поддржувам одржувањето на Регионалната лига, што најдобро ќе ја промовира оваа благородна вештина, особено кај младите и талентирани луѓе, истовремено придонесувајќи за подигнување на квалитетот на клупскиот бокс, зајакнување на духот на соработка и меѓусебно разбирање“, рече претседателот Вучиќ.

Тој истакна дека Србија силно ќе ја поддржува лигата во финансиски, организациски, медиумски и секој друг аспект.

Умар Кремлев истакна дека е многу задоволен од тоа колку претседателот Вучиќ знае за боксот и дека е многу важно првиот човек на државата да го поддржува и сака спортот.

„Навистина сум воодушевен од средбата со Вучиќ. Тој е одличен лидер и неверојатно е колку знае за боксот. Ни рече дека ќе биде претседател на Организациониот комитет на Светското првенство, а сега сум уште посигурен дека Србија, Боксерската асоцијација на Србија и АИБА ќе направат спектакл на Светското првенство. Оваа регионална лига на клубови е исто така одлична работа, која ќе донесе промоција на боксот, регионот, но и мир на овие простори“,  соопшти Кремлев.

Фото: БСС

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО