На две кола пред карјот Регионалната боксерска лига (РБЛ) својата прва сезона ја крунисува со двомечот меѓу Регионалниот тим и репрезентацијата на Италија кој ќе се одржи утре во Подгорица, Црна Гора, со почеток во 21 часот. Во составот на Регионалниот тим се и нашите боксери Денис Муаремовски и Алмир Нуришов, како и тренерот Ристе Грбев, како дел од Пинк Пантер кој настапува во РБЛ.
За сите предизвици и значењето на овој меч, за тоа што добиваат национланите боксерски федерации/сојузи, но и за РБЛ разговаравме со претседателот на Управниот одбор на РБЛ Јурица Рунтиќ.
„За национални федерации/сојузи е значајно што боксерите, кажано со термин за колективните спортови, се уигруваат, имаат квалитетни мечеви и постојано се на тренинг. Во секое време се гледа формата на боксерите. Боксерите настапуваат пред публика, пред нивните гледачи кои ги бодрат. Понатаму, клубовите имаат своја промоција. Колку што знам, откако Регионалната лига се појави на ТВ Арена спорт, некои клубови имаат зголемено членство, како на натпреварувачи така и на рекреативци. Значи, веќе во првата година РБЛ донесе своевидна експанзија на боксот во регионот“.
Како го оценувате досегашниот тек на РБЛ?
Го оценувам за позитивен. Ова е прва година и во неа моравме да го поминеме филтерот. Овој филтер ни овозможи да излезат на површина клубови, функционери, суепрвизори и судии кои се потенцијал што може да се справи со сите позитивни и негативни работи што ги носи едно лигашко натпреварување. Оние кои не можеа сами си заминаа. Пред една година говоревме дека ќе направиме лига, а денес можеме да кажеме дека имаме лига, имаме бренд и само треба и понатму да работиме и квалитетно да соработуваме.
Што можеме да очекуваме идната сезона?
Следната сезона ќе биде стабилна и полна со одлични натпревари, а се надевам т.е. работиме на тоа да има ТВ преноси во живо. Важно е што ја пребродивме првата година и сега знаеме кој може да го понесе товарот, а кој не.
Што добива Лигата со два нови клуба (Будуќност и репрезентацијата на Словенија)?
Како што зборувавме на почетокот на оваа сезона дека ќе приклучиме на уште две држави и два клуба, тоа и го направивме. Со тоа добива уште поголема промоција на боксот и боксот уште повеќе ќе се рехабилитира, односно со тоа ја подигаме популарноста на овој спорт во регионот и на крајот добиваме повеќе квалитетни мечеви. Засега, Лигата во 2018 година ќе ја сочинуваат 6 држави и 7 клубови.
Како ќе се избегнат од проблемите што се појавија во оваа сезона?
Проблеми од ваков вид со кои се сретнавме не можеше да се избегнат. Едноставно, тие мораше да се случат. И, како што веќе реков, филтерот го направи своето. Но, по првата година знаеме што треба да доработиме и на кој начин и под кои услови да ги пуштиме клубовите да се приклучат на Лигата. Ракометот, кошарката, ватерполото покажаа дека регионалната лига и помогна да го подигнат квалитетот на спортистите, со обзир на многу добрите мечеви. По полека тоа се покажува и во боксот. Но полека, бидејќи најважното во сето ова е промената на свеста на луѓето кои се во него. Оние кои не го можат тоа сами ќе отпаднат. Луѓето кои сакаат напредок, прогрес, исчекор, мора да бидат цврсти и истрајни во своите одлуки.
Како поранешниот ватрерполист со големи боксерски обрски го минува слободното време?
Во Сплит имам друштво со коешто секојдневно уживам и кога е тешко и добро, секогаш е со шегување. Саша, Марко, Кува, Френ, Борис, Точо и Бишки го прават мојот живот поубав. Исто така уживам и во семејството и моите три девојки се во центарот на мојот живот.
Со Боно Бошњак (претседателот на Хрватскиот боксерски сојуз) ме врзува големо долгогодишно пријателство и сме заедно и во добро и во зло. Понекогаш си ги удираме главите за работи за кои и не треба, а се со една цел – напредок. Но, тоа е така. И за жал, тоа нема да се промени.
Ipon.mk/В.Д.