Јове Петровски-Оцо: Целта ни е со Ален на едно од двете европски првенства да освоиме медал за Македонија!

Пелистерски јунак на сите бокс натпреварувања во Македонија, регионот и европската бокс сцена покажа дека има потенцијал да го врати сјајот на битолскиот и македонскиот бокс. За малку недостасуваше по долги години Ален Рустемовски на Европското сениорско првенство во Будва, Црна Гора, да освои медал, бронзен. Пред нашиот репрезентативец во 2024 година има повеќе предизвици. Неодамна Боксерската федерација на Македонија го прогласи Ален Рустемовски за боксер на годината.

За успесите на Пелистерски јунак најзаслужен е тренерот Јове Петровски – Оцо, со кого разговаравме за годината на заминување и за предизвиците во 2024 година.

Годинава беше многу динамична со многу настапи која за малку не беше крунисана со европски медал, по заслуга на судиите. Како ја оценувате 2023 година?

– 2023 година за нас како клуб беше доста напорна и многу исцрпувачка заради големиот обем на натпревари. Пелистерски јунак од Битола се натпреваруваше на следните натпревари: Првата и младинската бокс лига на Македонија, Опен Балкан лигата, меѓународни турнири, Европското првенство, Светското првенство, Балканското првенство, квалификациските турнири за Олимпијадата. На сите овие турнири боксиравме во сите возрасни категории. Оваа година за Пелистерски јунак беше доста успешна на клупско ниво. Единствено жалиме за европскиот медал на Европско сениорско првенство кое се одржа во Будва, бидејќи Ален беше очигледно oштетен од страна на судиите за влез во полуфиналето, со што ќе се закитеше најмалку со бронзен медал. На ова првенство Ален се пласира на 5-тото место.

Сепак, признанието стигна, Ален Рустемовски е избран за боксер на годината. Што значи ова за Ален и за Пелистерски јунак?

– Признанието е во вистински раце. Ален оваа година настапи на сите првенства и на многу меѓународни турнири и имаше доста добри резултати. Ова признание за Ален, доделено од Националната боксерска федерација на Македонија, значи повеќе работа и труд за наредната 2024 година. Сите освоени признанија за БК Пелистерски јунак докажуваат со каков квалитет располага нашиот клуб.

Имате прилично млада и надежна екипа. Кои се дострелите на оваа генерација?

– Клубот е прилично млад, но располага со дисциплинирани членови. А јас, како тренер, располагам со доста високо и стручно познавање на благородната вештина. Дострелите на оваа генерација ќе бидат високи, бидејќи таа го врати стариот сјај на боксот во Битола, а воедно и во државата.

Дали боксот се враќа на голема врата во Битола?

– Боксот во Битола се враќа на голема врата покрај финансиските проблеми во кои се наоѓа клубот. Љубовта кон боксот и вербата во Бога, поддршката од неколку добри луѓе од нашиот град, нема да се откажеме, тоа не ние опција.

Какви се плановите за 2024 година?

– Плановите за 2024 година се следните:

  • квалификации за Олимпијадата
  • меѓународни турнири
  • европски првенства
  • освојување на Македонската лига
  • пласман во финалето на Опен Балкан купот

И, конечно, се надеваме дека во оваа година институциите ќе нè имаат предвид.

Може ли да очекуваме европски медал?

– Европскиот медал е многу блиску, бидејќи оваа година европските првенства ги напаѓаме во три возрасни категории. А таргетот со Ален ни е на едно од тие две првенства да избориме медал за Македонија.

Какви се плановите за олимписките квалификации?

– Наш следен турнир на кој сме целосно фокусирани е тој што ќе се одржи во Бусто Алзизио во Италија, последен квалификациски турнир за Олимпијадата во Париз 2024 година.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО