Фиданчо Јованов годинава реди успеси на домашната сцена, речиси и да не знае за пораз. Успесите на Фиданчо ги подгреваат надежите на радовишани и на тренерите во БК Бучим дека младиот борач ќе ја предводи генерацијата што повторно ќе го вивне радовишкото борење во европската и светската елита.
Јованов е роден 1998 година, а веќе има заблежителен биланс: 12- трети места , 4- втори места и 5- први места.
„Годинава настапив на 4 турнири, трипати бев прв и еднаш втор, а на турнирот Александар Калајџиев, оваа година бев избран за најдобар техничар на турнирот“, вели Јованов, посочувајќи дека победил на годинава и на турнирот „13 Ноември“ во Скопје, „Димитар Јованов“ во Неготино и на „Оризари 2014“ во Оризари кај Кочани. Тој минатата година победил и на Меморијалниот турнир „Андонов-Колев“ во Кочани, а во финалето на Државното првенство загубил, но учествувал и на пеливанскиот турнир „Тополница“ кај Радовиш.
Во борењето се заљубил кога отишол да гледа борење уште како дете. Под тренерско раководство на неговите тренери Тони Танчев и Горан Атанасов тој ги учи тајните на борењето, за постепено искачување на врвот, засега во кадетска конкуренција.
„Моите планови се да продолжам така како што сум почнал. Ме очекуват многу домашни и меѓународни турнири, за да завршам со успех на европското и светско првенство. Единствена желба ми е да бидам во врвот на европското борење“, истакнува новата надеж на БК Бучим.
ipon.mk/В.Д.