Јасин Лама: Многу добро сум подготвен, ако се укаже шанса ќе атакувам и на медал

На силниот Меѓународен боксерски турнир „Странџа 2019“ во Софија – Бугарија, Македонија ќе настапи со двајца боксери Јасин Лама и Гоце Јанески, како можност за собирање на искуство со најдобрите во светот, бидејќи во конкуренција се 350 натпреварувачи (мажи и жени) од 42 држави.

„Многу добро сум подготвен за овој најсилен турнир во Европа. Бев 15 дена на подготовки во Албанија. Сакам што подобро да поминам, па ако се укаже можност  и медал да освојам, а знам дека конкуренцијата е многу силна, па затоа секоја победа е од големо значење“, вели Јасин Лама кој во минатата година беше еден од најдобрите боксери во нашата земја.

Тој во оваа година акцент ќе стави на „Златниот гонг“ и на турнирите на АИБА.

Тренерот на Лама во БК Чаир и тренер на репрезентацијата во Софија, Скендер Јахиу вели дека нашите боксери се подготвени и се свесни за каков турнир станува збор.

„Се надеваме на добар резултат, а колку повќе кола ќе поминат толку е подобро за нас. Конкуренцијата е голема, но ќе дадат се од себе да се претстават во најдобро издание“, вели Јахиу.

Мерењето и жребувањето се утре, а борбите од петок до недела.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО