Традиционалниот Меѓународен карате турнир „Никола Грдановски – Нике“ во сабота (8 октомври) се одржува по 35 пат и е во чест на трагично починатиот Никола Грдановски Никола-Нике на 26 јануари 1979 година. Грдановски е еден од основачите на Карате клубот Металург, воедно и натпреварувач, тренер, мајстор на карате спортот црн појас прв степен.
„Во име и чест на секогаш присутното негово пријателство меѓу младите и љубовта кон карате спортот, востановен е Меѓународниот традиционален меморијален карате турнир „Никола Грдановски – Нике“. Турнирот е со најдолга традиција и репутација во сениорска конкуренција, борби и кати во Република Македонија. Досега многу квалитени екипи и репрезентации беа учесници на истиот, покажувајќи ги нивните вештини во карате спортот“, објаснува тренерот на КК Металург, Мирче Јанушевски, додавјќи дека турнирот се одржува во поединечна конкуренција борби и кати во сите старосни категории.
Од каде се ќе има натпреварувачи?
-Во моментов турнирот е ориентиран, со оглед на финансиската состојба, кон клубовите во Македонија. Доаѓаат клубови и од околните држави, меѓутоа тоа се настапи на ниво на клубови, не на репрезентации.
Каков е одзивот досега?
-Што се однесува до досегашниот одзив, обично клубовите доставуваат пријави во последен момент, минатата година имаше 316 натпреварувачи, така што не можам да кажам точна бројка. Меѓутоа, очекуваме сличен одзив.
Кога ќе се направи една ретроспектива на турнирот за овие 35 години, до какви показатели ќе се дојде?
-Единствено на овој турнир доаѓаа сениорски репрезентации во Македонија. Досега учествувале репрезентации на Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Турција. Меѓутоа, од страна на КФМ имавме само вербална поддршка при канењето на репрезентациите, додека во реалноста беше обратно. Кога ги каневме репрезентациите, тие се јавуваа во КФМ, оттаму и објаснуваа дека не мора да доаѓаат, бидејќи тој турнир е приватен. Иако, кога ги каневме, имавме обезбедено на наш трошок сместување со полн пансион во хотел Континентал.
Кои се големите имиња на каратето што настапиле на Нике?
-За прашањето кои познати репрезентативци доаѓаа од овие балкански простори, да го спомнам од Грција, Спиридон Маргаритопулос кој учествуваше во 2006 година, кога настапуваа Грција, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Македонија.
Со колкава експедиција ќе настапи Металург и што очекуваш од твоите каратисти?
-Металург ќе настапи со пионери, помлади кадети, кадети, јуниори и јуниори до 21 година, околу 30 натпреварувачи.
Дали за некој јубилеј ќе направите силен сениорски турнир?
-За јубилејот 50 години од формирање на клубот во 2019 година предвидуваме да направиме голем меѓународен турнир во сениорска конкуренција, што очигледно со згаснувањето на поранешниот турнир „13-Ноември“ и недостасува на Македонија.
Ipon.mk/В. Д.