Изложба на фотографии „Жените и спортот“, боречките спортови застапени со четири спортистки

Во пресрет на Олимписките игри во Париз 2024, aмбасадите на Република Франција и Република Грција, синоќа во Ист Гејт организираа фото изложба на која беа презентирани фотографии на тема „Жената и спортот“. На изложбата беа презентирани фотографии од најпознатите македонски Олимпијки и врвни спортистки по повод претстојните Олимписки игри Париз 2024.

На оваа изложба, најдобрите македонски спортистки беа поздравени од Амбасадорите на Грција и Франција, како и од страна на претседателот на МОК, Даниел Димевски кој ги поздрави присутните, им посака да уживаат во прекрасните фотографии на спортистките и им посака на сите македонски спортистки и спортисти да постигнуваат што подобри врвни спортски резултати и да освојат што повеќе медали на големите мулти спортски натпреварувања како што се Олимписките игри.

Сите заинтересирани изложбата може да ја погледнат во Ист Гејт мол, која ќе биде таму еден месец.

Од боречките спортови се застапени Мила Рељиќ и Анамарија Георгиевска (таеквондо), Пулeксенија Јованоска (карате), Катерина Николоска и Арбреша Реџепи (џудо).

Францускиот амбасадор во државава, Сирил Бомгартнер, на настанот истакна дека овие спортистки се пример за младите, а особено за младите девојки и жени од земјава.

„Сите вие преку вашите настапи придонесувате за меѓународната афирмација на земјата и за ширење на вредностите за еднаквост помеѓу мажите и жените, кои нашите две земји ги поддржуваат“, рече амбасадорот.

Изложбата беше реализирана со поддршка од Грчката амбасада, чиј претставник на вечерашниот настан беше амбасадорката Софија Филипиду која им порача на присутните и сите други да се инспирираат од примерот на овие атлети, кои, како што рече, се симбол на женското омоќување.

Претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет, Даниел Димевски, истакна дека оваа изложба придонесува кон родовата еднаквост во спортот.

„Многу е важно бидејќи ни треба балансот, балансот е магичниот збор кој што е потребен секаде.

Сигурен сум дека откако оваа извонредна изложба ќе заврши, овие фотографии ќе бидат дел од Македонскиот олимписки комитет и ќе сведочат за успесите на спортистките“, рече тој.

Каратистката Пулексенија Јованоска вели дека поентата на оваа изложба е да се долови моментот оти жената може да биде еднакво застапена во спорот како и во уметноста.

„Драго ми е што изложбата ја направи Маја Аргакијева, жена која што беше инспирирана од нашите успеси како спортистки, од секој спорт индивидуално, да може да ја искаже силата и убавината во спортот преку една фотографија“, рече таа.

Фотографката Маја Аргакијева, во изјава за МИА рече дека идејата ѝ била преку убавината и моќта на природата, да ја покаже и убавината и моќта на жената, бидејќи, како што рече „нема ништо поубаво и помоќно од природа и од жена“.

Фото: МОК, Фејсбук, Француска амбасада

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON