Исени остана без медал на Европското првенство

Арјан Исени (80 кг) не ја искористи историска шанса да и донесе медал на Македонија од Европското сениорско првенство во бокс во Белград.

Во четвртфиналната борба Исени загуби од домашниот боксер Растко Симиќ кој имаше огромна поддршка од публиката, но и од судиите.

Првата рунда беше изедначена, а втората му припадна на нашиот боксер, но судиите му доделија победа на Симиќ. Во третата Србинот само ја одржуваше предноста, односно бегаше од директни дуели, само зададе два удари при крајот кога Исени напаѓаше.

Како и да е, Арјан мораше да биде поубедлив, бидејќи знаеше дека се бори со домашен боксер.

Така, останува последниот сениорски медал за Македонија на европските првенства на Вели Мумин кој се закити со бронза на ЕП во Ливерпул, Англија, во 2008 година, како и две години порано во Истанбул.

На ЕП учествуваат 401 боксер, 263 во машка конкуренција и 138 во женска, од 33 држави.

Резултати – Европско првенство:

80 кг
Арјан Исени – Михаил Цамалидис (Грција) 3-2
Арјан Исени – Рафаел Ховхансијан (Ерменија) 3-2
Арјан Исени – Растко Симиќ (Србија) 0-5

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО