Илиоски и Акиевска – спортисти на Македонија за 2023 година, доминација на боречките спортови

Агенцијата за млади и спорт денеска на свечена церемонија ги избра најдобрите спортисти во Македонија за 2023 година.

Најважните признанија отидоа кај кик-боксерот Бобан Илиоски и натпреварувачката во боди-билдинг Мери Акиевска кои се прогласени за спортисти на годината, во машка и женска конкуренција. Илиоски годинава стана светски шампион во лоу кик во категорија до 86 килограми и освои бронзен медал на европското првенство во маи таи. Во финалето од Светското првенство што се одржа минатиот месец во Португалија, тој го победи Нурбек Урибошев од Узбекистан со 3-0.

Акиевска е тројна светска шампионка во боди-билдинг и вторпат во последните три години е прогласена за спортистка на годината во Македонија.

И останатите награди ги добија натпреварувачи во индивидуални спортови. За најдобар млад спортист е прогласен каратистот Витомир Трајковски, најдобра млада спортистка е таеквондистката Милија Рељиќ, а за најдобар тренер-селектор е прогласен Дејан Митровски, предводник на репрезентацијата во маи-таи и кик-бокс.

Наградата за најдобра женска репрезентација ја доби сениорската ракометна селекција на Македонија, а најуспешна федерација е Одбојкарската која успешно организираше една од групите на Европското првенство во сениорска конкуренција.

Во продолжение еве кои спортисти вечерва ги добија признанијата во посебни категории.

Најдобра спортист: Бобан Илиоски – Кик бокс
Најдобра спортиска: Мери Акиевска – бодибилдинг
Најдобар млад спортист: Витомир Трајковски – Карате
Најдобра млада спортистка: Милијана Релиќ – Таеквондо
Најуспешен тренер/селектор: Дејан Митровски – Kик бокс
Најуспешна федерација: Одбојкарска федерација на Македонија
Најуспешен женски национален тим: Ракометен сениорски национален тим
Најуспешен машки национален тим: Одбојкарски сениорски национален тим
Најуспешен спортист со инвалидитет: Андреј Стојановски – пливање
Најуспешна спортска екипа од Универзитетите – Машки карате тим  на Универзитет Св.Кирил и Методиј – Скопје
Најуспешен училишен спортски клуб од Средни училишта:  Никола Карев -Скопје
Најуспешен училишен спортски клуб од Основни училишта: Климент Охридски – Битола

Од страна на АМСМ беше доделена посебна благодарница до Спортско радио 90,3 СкопјеНетворк продукција и Спорт клуб од Србија за реализација на документарниот филм „Патот на Кобрата„ за Дарко Панчев.

Фото: Спорт1.мк/ Спортскорадио903.цом.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО