Меѓународната џудо федерација (ИЏФ) и даде поддршка на Мајлинда Келменди во допинг аферата која настана откако претставничката на Косово стигна до златниот медал на Олимписките игри во Рио, во категоријата до 52 килограми.
Француските анти-допинг власти открија дека на 16 јуни имале тестирање во спортскиот камп во Сент Сиприен каде што тренирала и трикратна светска првенка Жервис Емане, како и некои американски спортисти, но Келменди одбила да биде тестирана, поради што тие изрекле провизорна суспензија.
„Тренери од неколку земји биле изненадени од процедурата во оваа контрола и побарале совет од анти-допинг специјалистите на Интернационалната џудо федерација. Таа внимателно им објаснила дека немаат абврска да направат тест во такви услови“, се вели во соопштението на ИЏФ, каде што е наведено дека ниту Германката Мартина Трајдос не го направила бараниот тест.
„Некои луѓе дошле и барале таа да биде тестирана, но тие немале идентификација од Светската анти-допинг асоцијација (ВАДА) или од некоја друга. Тоа се глупости. Таа стана шампион и тоа е главната вест“, изјавил Агрон Кука, претседател на џудо сојузот на Косово, кој дополнил дека биле во контакт со ИЏФ околу овој настан.
Светската федерација во својот допис вели и дека Келменди имала неколку тестови оваа година, вклучувајќи и еден во Рио, кои што биле негативни, па доколку има казна, таа би се однесувала само на француска територија.