Еди Херн, менаџерот на Ентони Џошуа, со задоволство би организирал борба со Тајсон Фјури.
Херн планирал тоа да се случи во декември, но пандемијата на коронавирус ги поремети сите планови.
Џошуа требаше да се бори против Кубрат Пулев на 20 јуни, но тој датум најверојатно ќе биде одложен за 25 јули, моежби дури и за подоцна.
Фјури требаше да се бори со Дионтеј Вајлдер на 18 јули во нивната трета пресметка, што е одложена до октомври.
Ако Џошуа се соочи со Пулев во јули, Херн потврди дека борбата против Фјури е сè уште можна наесен, но само доколку Вајлдер го одложи реваншот.
„Имаме потпишан договор за 20 јуни со Џошуа. Наскоро ќе дадеме изјава дека ќе биде одложена. Мислам дека им е јасно на сите. Се надевам дека ќе ја организираме средбата на крајот на јули.
Но, ако Џошуа треба да се бори само еднаш оваа година, тоа ќе биде против Тајсон Фјури. Ситуацијата е малку надвор од дофатот, но со тоа што Боб Арум и Ал Хејмон малку преговаат со Вајлдер, ние сме подготвени за оваа битка.
Многу зависи од Дионтеј Вајлдер – дали сака да го одложи реваншот, ако го компензираме. Овој разговор треба да го водат Арум и Хејмон за да откријат дали тоа воопшто е можно. Доколку е можно, постои начин да се натера Кубрат Пулев да почека, што е полесна работа. Тогаш сум сигурен дека Џошуа ќе биде подготвен да оди директно во борбата против Тајсон Фјури. Под идеални услови, ова би бил следниот меч.
Ако не можеме да се бориме против Пулев во јули, со задоволство ќе се соочиме со Фјури во ноември, декември. Но, ништо не е јасно во моментов“.