Меѓународна сценаММА

Хабиб Нурмагомедов: Во УФЦ, пред сè, талентот треба да се наградува

Хабиб Нурмагомедов отворено го изрази своето незадоволство од политиката на УФЦ во врска со изборот и задржувањето на борците, нагласувајќи дека во најголемата MMA организација во светот, талентот и спортските резултати треба да бидат пред сè.

Причината за неговите коментари беше одлуката на УФЦ да не го обнови договорот на Ринат Фахретдинов (25-2-1 ММА, 6-0-1 УФЦ), кој беше непоразен во октагонот. Во последната борба Фахретдинов постигна импресивна победа со технички нокаут за само 54 секунди над Андреас Густафсон на УФЦ Фајт најт 258 во септември. Сепак, тој не доби нов договор.

Случајот не е изолиран. УФЦ се раздели и со други борци со позитивен биланс во последно време, вклучувајќи ги тешкашот Мартин Будај и мува категоријата Мухамед Мокаев, кој се сметаше за еден од најблиските до борба за титула.

За време на Светскиот спортски форум, Нурмагомедов коментираше дека проблемот не е поврзан со квалитетите на борците, туку со нивниот недостаток на желба да учествуваат во таканаречените „валкани муабети“ – вербални престрелки пред борбите.

„Жал ми е за американските промотори, бидејќи доаѓаат толку многу гладни борци кои не сакаат навреди и фалење. Тие едноставно влегуваат, победуваат, ги земаат парите и си одат. А организациите не го сакаат тоа“, рече Хабиб, пренесе Ред корнер ММА.

Поранешниот шампион призна дека ја разбира деловната страна на спортот, но инсистира дека на крајот на краиштата MMA мора да остане фер натпревар. „Ова е спорт – еден на еден. Влегувате во кафезот сами и гледаме кој е најдобар“, нагласи тој.

Нурмагомедов откри дека стотици млади борци кои сакаат да го следат неговиот пат тренираат во неговите сали во Дагестан. Според него, токму приливот на технички и дисциплинирани борци од регионот довел до промена на политиката на некои промотори.

„Во последниве години, УФЦ отпушти многу борци кои дури и не загубија. Нивните договори едноставно истекоа, а не им беа понудени нови. Некој треба да проговори за ова бидејќи не е фер“, заклучи Хабиб.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON