Непоразениот шампион во УФЦ, Хабиб Нурмагомедов неодамна доби понуда од фудбалскиот тим од третолигашот Камаз од Набережние Челни.
Имено, по објавата дека се повлекува, Дагестанецот изрази желба професионално да игра фудбал, па на социјалните мрежи напиша:
„Се подготвувам за моето деби во фудбал. Слободен сум и подготвен да ги разгледам понудите“.’
Актуелниот шампион на најсилната ММА организација минатиот месец ги покажа своите фудбалски вештини на добротворен меч каде играше со холандската легенда и поранешна ѕвезда на Реал и Милан, Кларенс Сидорф.
Дагестанецот претходно тренираше со Спартак Москва во Дубаи, и изрази желба да тренира со руската фудбалска репрезентација.
„Ова се сериозни работи и треба да разговараме за тоа на маса. Идејата е добра и може да се реализира“, изјави рускиот фудбалски тренер Станислав Черчесов, а пренесе sport-express.ru.
Хабиб Нурмагомедов го објави крајот на својата кариера во октомври, откако го победи Џастин Гејџи и ја одбрани титулата на УФЦ.
Дагестанецот веројатно нема намера да се врати во октагонот. За време на професионалната кариера оствари 29 победи без пораз.