Шампионот на ВБЦ, ВБА, ИБФ и ИБО во средна категорија Генади Головкин – ГГГ (37-0, 33 КО) се надева на импресивна презентација, кога ќе се сретне со мексиканската супер ѕвезда Сол Алварез – Канело (49-1-1, 34 КО).
По неколку години на чекање конечно ќе се сретнат во рингот на 16 септември во Т-Мобиле арена во Лас Вегас.
Головкин во оваа битка ќе влезе по првата победа со судиска одлука во кариерата во 12 рунди, победувајќи го Даниел Џејкобс во март во Медисон сквер гарден во Њујорк. Пред оваа средба Головкин сите противници ги заврши предвреме во 23 последователни средби.
Канело, макар и поранешен шампион на ВБЦ во средна категорија, всушност никогаш не се борел на границата од 72,5 килограми. Сите негови дуели во средна категорија до моментов се одржуваа до максимално дозволена тежина од 70 килограми.
На последниот меч во мај, Канело се качи до 74,6 килограми, за да се спротивстави на Хулио Цезар Чавез Јуниори, кој се симна од супер средна категорија. Чавез Јуниор изгледаше прилично исцеден во оваа битка во обидот да ја среди тежината и Канело лесно доминираше во текот на 12-те рунди.
Головкин не беше импресиониран од последната победа на Канело и во претстојниот супер меч сака да го нокаутира.
„Имам големо искуство во средна категорија. Канело сега доаѓа во средна категорија. Во последните неколку борби изгледаше добро, но сега приказната е друга, нова историја. Јас не сум ситен како поранешните противници на Канело. Во својата последна борба Канело изгледаше добро, затоа што Чавез загуби толку многу битки. Јас се уште сум многу активен. Тоа е вистинска борба на шампионите“, изјави Головкин за ЕСПН депортс.
„Сакам драматично шоу, сакам нокаут, сакам вистинска битка, сакам да победам, бидејќи тој и Голден бој зборуваа премногу. Не сакаше да се бори со мене во последните две – три години. Тоа е лошо за спортот, лошо за боксот, сакам да го победам. Ова е многу голема битка. Ако победам, ќе бидам многу среќен, бидејќи мислам дека ќе го вратам респект спрема боксот“, заврши Головкин.