Големиот балкански карате семинар брилијантно одработен: Очекувавме многу, а добивме многу повеќе!

Викендов во Ниш, Србија, се одржа Големиот балкански карате семинар (ГБКС) како продолжение на семинарот што претходно имаше фантастичен успех во Бугарија и Македонија, а предводен од сенсеи Милан Ѓокиќ од Србија, Зоран Пејов од Македонија и Тони Петров од Бугарија.

Сепак, завршницата на ГБКС кулминираше во Ниш, бидејќи се одбележа и јубилеј „Првите 50 години“ практикување на карате до, притоа е промовирана авторската книга „Разговори во тишината (Раговори у тишини)“ на Милан Ѓокиќ, а свеченоста ја увелича фронтемнот на Кербер Гале, една од најпопуларните рок групи во поранешна Југославија. КК Ки беше извонреден домаќин.

На семинарот беа присутни околу 150 учесници од сите возрасти како и мајстори со високи звања од сите области на боречките вештини (џиу џицу, кендо, аикидо, бразилско џиу џицу….) од Бугарија, Италија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Грција, Русија и Македонија.

„На семинарот се демонстрираа изворни техники на традиционално карате до, техники на самоодбрана низ призмата на карате до и џиу џицу, како и техники од спортско карате.

Семинарот го започна домаќинот и организатор сенсеи Милан Ѓокиќ којшто зрачеше со вистинска КИ и претстави голем дел од тајните на изворното карате до.

Вториот дел го водеше сенсеи Тони Петров којшто беше уникатен во демонстрирањето на вештината на самоодбрана со комплекс на ефикасни и реално применливи техники на самоодбрана во секоја ситуација“, вели сенсеи Зоран Пејов од Карате центар Пејов.

Токму третиот дел, воедно и завршен, беше предводен од сенсеи Зоран Пејов, презентирајќи спортски техники на карате, коишто беа беа демонстрирани на еден експлозивен и енергичен начин и беше вистинско заокружување на овој грандиозен настан.

„Сите учесници беа задоволни и навистина исполнети (очекувавме многу, а добивме многу повеќе), тоа беа коментарите од учесниците. И, навистина беше присутна една заедничка сплотена енергија од сите практиканти кои беа од целиот Балкан, па и пошироко“, нагласи Пејов.

Тој вели дека е разговарано за проширување на ГБКС и во другите држави, во иднина можеби во Хрватска и други земји.

„На овој семинар беше и промоцијата на книгата „Разговори во тишината“ од сенсеи Милан Ѓокиќ, едно несекојдневно и уникатно дело. Секој практикант на карате до треба оваа книга да ја има во својата библиотека“, рече Пејов и подвлече:

„За крај сакам да кажам дека овој семинар беше навистина брилјантно одработен и повеќе од успешен. Одиме понатаму со уште повеќе жар да ја шириме идејата на обединување преку „карате до“, затоа што тоа е енергија која спојува и обединува“.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON