Александар Усик ќе го победи Тајсон Фјури во реваншот на 21 декември – изјави поранешниот тренер на Усик Џејмс Али Башир.
Во средината на мај Усик го победи Фјури со поделена одлука и стана неприкосновен шампион во тешка категорија.
Украинецот во поголемиот дел од борбата беше подобар од Џипси Кинг, кој беше соборен во деветата рунда. А од пораз во тој момент го спасија само судијата и звукот на гонгот за крај на рундата.
Секако, Тајсон тешко го прифати поразот и наведе неколку причини зошто победил Усик, а една од нив беше војната во Украина.
Но, дуото набрзо се договори за реванш, што беше загарантирано во договорот, а Усик и Фјури се согласија на нова пресметка на 21 декември во Саудиска Арабија.
Но, тој меч повеќе нема да биде за сите појаси во тешка категорија. Имено, Украинецот неодамна ја ослободи титулата на ИБФ, која ќе ја брани Даниел Дубоа на мечот против Ентони Џошуа во септември.
„Знам дека Александар Усик нема да се соочи со истиот Тајсон Фјури на реваншот. Но, ниту Усик нема да биде истиот, и двајцата ќе ги поправат грешките што ги направија во првата борба. Но, за мене Усик и понатаму е фаворит, тој е врвен професионалец“, изјави Џејмс Али Башир.
И Украинецот покажа колку добро се прилагодува на противникот, што го докажа на два меча против Ентони Џошуа.
Усик во двата меча беше подобар од Британецот, без разлика колку АЏ се подготвуваше за реваншот. И го смени тренерот.
„Александар е силен тип и може да повреди секого. Тоа му го направи на Тајсон Фјури, многу го повреди. Дали го забележавте изгледот на Тајсон на крајот од деветата рунда? Од неговиот поглед можеше да се прочита: „Ме повреди, во сериозна неволја сум“, рече Џејмс Али Башир и подвлече:
„Мислам дека Тајсон ќе се онесвестеше доколку немаше судија во рингот. Кога Тајсон заврши на јажињата, исчезна. Го познавам момчето Усик. Работев со него три години. И знам дека може да погоди, тој е силен тип. Тој е посилен од она што луѓето го мислат. Тој е смртоносен. Кога ќе те повреди, ќе оди до крај. Ова е Александар Усик“.