Како што веќе пишувавме минатите денови, Извршниот одбор на Карате федерацијата на РС Македонија на ден 20 јули донесе одлука за стапување на сила на новиот Правилник за избор и работа на селекторите на државна репрезентација на КФРСМ; Правилникот за избор и работа на државните репрезентативни селекции на РС Македонија во карате спортот на КФРСМ и Кодекс – правила на однесување на репрезентативците и официјалните лица на КФРСМ. Ова предизвика многу реакции кај клубовите и тренерите.
До нашата редакција престигнуваат многу реакции од клубовите во нашата земја, притоа прв реагираше поранешниот селектор Сашко Арсовски, кој е тренер на најдобриот македонски каратист Емил Павлов и други освојувачи намедали, а денес ќе објавиме една.
Карате клубот Автокоманда во реакцијата до надлежните тела на КФРСМ истакнува:
„На ден 22.07.2022 година од канцеларијата на КФРСМ до КК Автокоманда од Скопје добивме имејл во кој не известуваат за донесени одлуки од страна на Извршниот одбор на КФРСМ. КК Автокоманда е релативно млад клуб, но, сепак, ние сме многу години во карате спортот. Па токму затоа јас, Гоце Петров, сериозно и амбициозно сум насочен кон постигнување на врвни спортски резултати со нашите ученици, како што тоа го докажавме во периодот додека бевме натпреварувачи. Но, за тоа, се разбира, потребно е да се обезбедат добри услови и добар фер Правилник за избор на репрезентативци како и нивно финансирање. Она што не загрижува нас, а што е и наша цел на ова обраќање, е работата на раководството на КФРСМ, кое во последно време наликува на едно тело кое работите ги движи наназад наместо напред. Би сакал само да ве потсетам дека нашиот клуб ви ја даде довербата да не претставувате и водите кон врвот на светското и европското карате“.
Понатаму во реакцијата Гоце Петров од КК Автокоманда вели:
„Ќе се фокусирам на последната одлука на Извршниот одбор КФРСМ, на Правилникот за избор и финансирање на репрезентативци т.е на неговата конфузна содржина и неприфатливи услови кои без прецизни критериуми и потценувачки однос кон клупските тренери и клубовите. Ова е за мене е враќање 20 години наназад, а, ако не се повлече Правилникот, уште 20 години нанапред нема да можеме да ги отстраниме последиците од задоцнетите реакции на нас спортисти, тренери, натпреварувачи кои не треба да дозволат еден вака, пред сè, нечесен, а и можеби незаконски Правилник, да се примени во „НАШАТА“ федерација“.
„Колеги спортисти каратисти, ова е срамота и јас како спортист не можам да молчам кога гледам како некој на кој сме му дале доверба на овој начин сака да не елиминира сите кои работиме и тренираме во салите за сметка на оние малкумина кои сакаат да се закитат со туѓи заслуги. Без навреда, згрешивте. Исправете ја грешката па да продолжиме да тренираме и да се натпреваруваме“, повикува Петров.
Се надеваме дека за брзо време надлежните тела во Федерацијата ќе се произнесат за сегашната состојба, односно реакциите на Правилникот.