Френсис Нгану верува дека неговата приказна со „Џипси Кинг“ сè уште не е завршена.
Пред Френсис Нгану е вториот боксерски меч на најголемата сцена. Како што беше најавено минатата недела, камерунскиот нокаутер ќе ги вкрсти ракавиците со поранешниот двократен светски шампион Ентони Џошуа на 8 март, но тој веќе јасно става до знаење дека ќе се заложи за реванш со Тајсон Фјури.
Како што е веќе познато, „Предаторот“ боксираше со актуелниот ВБЦ шампион во Ријад пред околу два и пол месеци, му пружи неочекуван отпор и го собори во третата рунда, за да загуби со поделена одлука. Тој, сепак, верува дека неговата приказна со „Ромскиот крал“ сè уште не е завршена и сака повторно да влезе во рингот со него – без разлика како ќе заврши борбата на Фјури против Александар Усик за обединување на сите титули во тешка категорија.
„Не го барам победникот меѓу Фјури и Усик, го сакам Тајсон – тој ми должи борба. Не ми е гајле кој ќе победи меѓу Фјури и Усик, јас одам по Тајсон. Победил или изгубил, сакам да се борам со него“, решителен беше поранешниот шампион на УФЦ во интервју за ТМЗ.
Тој се осврна и на она што е следно за него, а тоа е пресметката со Џошуа. Нгану верува дека „Еј Џеј“, поучен од она на што претходно бил сведок, ќе биде многу добро подготвен за неговиот стил.
„Тој ме виде како боксирам порано, па знае што следува. За разлика од борбата со Фјури, кога сè беше малку нејасно, Џошуа знае што да очекува од мене. Чувствувам дека овој пат треба да направам уште повеќе за да направам работи до крај“, рече 37-годишниот Камерунец и заклучи коментирајќи ја одлуката на обложувалницата повторно да го смести како голем „аутсајдер“:
„Ќе се борам со поранешен шампион, човек кој е во оваа игра долго време и победува. Неговиот скорд е 27-3, а јас сум 0-1, како би можел да бидам фаворит во оваа борба?“.