Ѓетан Кета стана светски шампион на ВБУ во Дебар

35-годишниот боксер од Германија, со албанско потекло, Ѓетан Кета е нов светски шампион во средна категорија во ВБУ верзијата, откако во спортската сала во Дебар го доби мечот против Слаѓан Јањанин од Босна и Херцеговина. 

Првата рунда мина во меѓусебно запознавање на силите иако Кета имаше повеќе иницијатива упатувајќи неколку удари кон Јањанин.

Во следните четири рунди понадмоќен беше Кета, кој на двапати во втората и четвртата рунда со неколку последователни удари го испрати противникот во нок даун, но Јањанин собра сила и продолжи. Во петата од предвидените 12 рунди, Кета беше убедливо понадмоќен и на Јањанин не му преостана ништо друго туку да му ја подаде раката и прв да му го честита успехот.

Мечот го следеа и претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, градоначалникот на Дебар, Ружди Љата, како и голем број љубители на боксот кои ја исполнија салата.

Кета го бодреа и негови сограѓани од родната Булќиза, албанско погранично градче со Дебар.

Да потсетиме дека нашиот најдобар боксер во суперлесна категорија, битолчанецот Денис Муаремовски, извојува победа над Михајло Рајиќ од Србија, во првата рунда.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО