Френсис Нгану се уште бара меч против Тајсон Фјури

Првакот на УФЦ во тешка категорија, Френсис Нгану, допрва треба да потпише со промоцијата. Во јануари камерунскиот борец го одбрани појасот на мечот против Сирил Гане, а договорот со најголемата светска ММА промоција беше продолжен за уште три меча, односно за една година.

Предаторот беше опериран на коленото неколку недели подоцна и го користи времето за закрепнување за да преговара за некои услови со УФЦ во новиот договор.

Освен поголема плата, главен услов му е можноста за бокс. Камерунецот многу сака да се испроба во рингот, а Тајсон Фјури е прв на неговата листа.

Во едно неодамнешно интервју тој кажа мислење за моменталниот статус во УФЦ.

„Се е исто како пред неколку месеци, а истото е и со договорот. Не добив никаква понуда. Но, не брзаме, ниту јас не одам никаде“, рече Френсис Нгану и додаде:

„Се уште сум заинтересиран за борбата против Тајсон Фјури. Како и да завршат овие преговори, боксерскиот меч мора да биде вклучен во договорот“.

По целосното санирање на повредата Нгану би можел да се врати на борбите во првата половина на следната година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО